Скопје утре во боите на еднаквоста: Прајд маршот тргнува од Градски парк

Скопје Прајд 2026 ќе се одржи утре, 20 јуни, под слоганот „Сите нека знаат“, со протестен марш за еднакви права, видливост и заштита од дискриминација на ЛГБТИК+ заедницата.

Собирот на учесниците ќе почне во 18 часот кај Фонтаната „Лотосов цвет“ во Градскиот парк, додека маршот низ скопските улици е најавен за 19 часот.

Поворката ќе се движи по булеварот Илинден, улицата Рузвелтова, булеварите Партизански одреди и ВМРО и улицата Димитрие Чуповски, а завршницата ќе биде во паркот „Жена борец“.

Од Организацискиот одбор велат дека проширената маршрута има цел да ја испрати пораката дека јавниот простор им припаѓа подеднакво на сите граѓани, без оглед на нивната сексуална ориентација или родов идентитет.

Според организаторите, годинешниот слоган „Сите нека знаат“ претставува спротивставување на замолчувањето и истиснувањето на ЛГБТИК+ луѓето од јавниот простор, културата и колективната меморија.

Тие оценуваат дека Парадата на гордоста останува потребна поради говорот на омраза, дискриминацијата и обидите за уназадување на веќе стекнатите права на заедницата.

Настанот се најавува како протестен марш за човекови права и достоинствен живот, но и како повик за солидарност, прифаќање и еднакво учество на сите граѓани во општеството.

Организаторите информираат дека се во координација со Министерството за внатрешни работи и полицијата, со цел собирот и маршот да поминат безбедно и во најдобар ред.

Поради движењето на поворката низ централното градско подрачје, во попладневните и вечерните часови се можни привремени ограничувања и пренасочувања на сообраќајот по улиците и булеварите опфатени со маршрутата.

Најчитано