Директорот на Државната лотарија, Александар Климовски, јавно се заложи државата да го задржи монополот врз организирањето игри на среќа на интернет.
На денешната јавна расправа за Предлог-законот за игрите на среќа и за забавните игри, Климовски оцени дека онлајн игрите на среќа треба да останат под контрола на државата, односно на Државната лотарија.
Неговиот став е спротивен на барањата на приватните компании лиценцирани во земјава за организирање игри на среќа, кои предупредуваат дека предложеното законско решение создава државен монопол на интернет-пазарот.
Климовски како главни аргументи ги посочи поголемата контрола врз приредувањето на игрите, заштитата на играчите и зголемувањето на приходите во државниот буџет.
„Факт е дека доколку државата ги организира игрите на среќа на интернет, парите ќе завршуваат директно во буџетот на државата. Наспроти тоа, кога приватните лиценцирани приредувачи би ги организирале игрите на среќа, приходите ќе завршуваат за други намени и во странските компании кои стојат зад овие субјекти“, рече Климовски.
Тој побара дел од предложените одредби да бидат изменети или отстранети од новото законско решение, но силно се спротивстави на можноста приватните компании да добијат пристап до приредувањето игри на среќа преку интернет.
Предлог-законот предизвика спротивставени реакции меѓу државните институции и приватните приредувачи, а едно од клучните прашања во расправата останува дали онлајн игрите на среќа треба да бидат исклучиво државна дејност или пазарот да биде отворен и за лиценцирани приватни компании.
