Во Грција ќе се плаќа по километар на патарините

Грција подготвува нов електронски систем за наплата на патарините, според кој возачите нема да плаќаат фиксна сума за цела делница, туку само за километражата што навистина ја поминале.

Таканаречениот систем на слободен проток треба да овозможи возилата да се движат по автопатите без запирање или намалување на брзината кај наплатните рампи. Наместо класични пунктови, над коловозите ќе бидат поставени дигитални портали со камери за препознавање регистарски таблички, сензори за утврдување на категоријата на возилото и читачи на електронски ознаки.

Наплатата ќе се пресметува од моментот кога возилото ќе влезе на автопатот до излезот од него. Корисниците со електронска ознака ќе плаќаат преку поврзана сметка, а за другите возачи се разгледуваат апликација и интернет-платформа.

Првата целосна примена на моделот се планира на Северната патна оска на Крит. Доколку системот се покаже успешен, технологијата би можела постепено да се прошири и на други важни сообраќајници, меѓу кои Атики Одос и автопатот ПАТЕ.

Системот автоматски ќе ги евидентира возилата што поминале без да ја платат патарината. Сопственикот ќе добива рок за плаќање, а доколку обврската не биде подмирена, ќе следува парична казна. Начинот на наплата од возилата со странски регистарски таблички сè уште е едно од прашањата што треба целосно да се разработи.

Наплатата според реално изминати километри не е целосно нова во Грција. Таков модел веќе функционира на автопатот Олимпија Одос за корисниците со електронски уреди, но планираниот систем треба да овозможи поширока и поавтоматизирана примена.

Новината е особено значајна за туристите и транзитните патници, бидејќи треба да ги намали редиците на патарините во текот на летната сезона. Сепак, промената нема веднаш да важи на сите грчки автопати, па класичните наплатни пунктови засега остануваат во употреба.

Најчитано