Парагвај приреди голема борбена победа над Турција со 1:0 и, иако целото второ полувреме го одигра со фудбалер помалку, успеа да ги освои трите бода и да го означи крајот на турскиот настап на Светското првенство.
Натпреварот беше решен речиси веднаш по почетниот свиреж. Матијас Галарза по само 64 секунди упати моќен удар од далечина и ја затресе турската мрежа за најбрзиот погодок на досегашниот тек од Мундијалот.
По раното водство, Парагвај се повлече и ја препушти иницијативата на противникот, обидувајќи се со компактна одбрана и пожртвувана игра да ја сочува минималната предност.
Задачата стана уште потешка во судиското продолжение од првото полувреме, кога Мигел Алмирон доби директен црвен картон. Парагвајскиот фудбалер беше исклучен поради прикривање на устата при расправијата со Мерт Мулдур, со што беше применето новото правило воведено на турнирот.
Турција во второто полувреме целосно го опседна противничкиот гол, но не успеа да ја претвори огромната теренска надмоќ во погодок.
Турските фудбалери имаа 78 проценти посед на топката и упатија дури 32 удари, но само пет завршија во рамките на голот. Парагвајската одбрана издржа до последниот судиски свиреж и ја зачува победата со која остана во трката за нокаут-фазата.
По две кола во групата Д, САД се на врвот со шест бода, додека Австралија и Парагвај имаат по три. Турција остана без бод по поразите од Австралија и Парагвај и го заврши својот мундијалски пат уште во групната фаза.
Парагвај во последното коло ќе се соочи со Австралија во директен дуел што може да го реши патникот во следната фаза, додека Турција ќе игра против домаќинот САД во натпревар без резултатско значење за нејзиниот пласман
