СДСМ: Две години власт донесоа поголем долг и политичка изолација

СДСМ

Две години од владеењето на Христијан Мицкоски се две години на економски неуспех, лажни ветувања и политичка изолација, оцени СДСМ во соопштение до јавноста.

Од опозициската партија тврдат дека граѓаните наместо подобар живот добиле послаб животен стандард, продлабочена економска несигурност и застој на европскиот пат на Македонија.

Според СДСМ, до јуни бил потрошен речиси целиот планиран буџетски дефицит за 2026 година, во износ од 670 милиони евра, поради што, како што наведуваат, ребалансот на Буџетот е неизбежен.

Партијата оценува дека прикажаните капитални инвестиции во најголем дел се однесуваат на проекти започнати во периодот на претходната власт, а не на нови проекти на актуелната Влада.

Од СДСМ тврдат и дека економскиот раст се потпира главно врз личната потрошувачка, а не врз производство и извоз, што според нив создава дополнителен инфлациски притисок и не обезбедува долгорочна стабилност.

„Мицкоски ветуваше повисоки плати, подобар стандард и подобар живот, а граѓаните добија маратон во сиромаштија“, се наведува во соопштението.

СДСМ ја обвинува Владата дека нема средства за повисока минимална плата, за раст на другите плати, за пензии, земјоделците и младите, но истовремено продолжува со нови задолжувања и трошење за луксуз.

Според партијата, странските инвестиции во изминатите две години се намалиле за 60 проценти, додека јавниот долг пораснал за повеќе од 2,5 милијарди евра.

Од СДСМ оценуваат дека Македонија се наоѓа и во најдлабока политичка изолација во последните две децении, а премиерот го користи идентитетот како оправдување за застојот на европскиот пат.

Партијата тврди дека Владата нема јасен план за продолжување на евроинтеграциите и дека наместо реформи и напредок, јавноста добива националистичка реторика и политички спинови.

„Наместо подобар живот, граѓаните добија сиромаштија, несигурност и изгубена европска перспектива“, порачаа од СДСМ.

Најчитано