Реконструкцијата до 1 јули оди во Собранието

Предлогот за реконструкција на Владата најдоцна до 1 јули ќе биде доставен до Собранието, најави премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи дека разговорите со коалициските партнери се одвиваат според планираната динамика.

Мицкоски не откри кои министри би можеле да заминат или да бидат префрлени во други ресори, но потврди дека во рамките на коалицијата се разгледуваат повеќе кадровски и организациски решенија.

„Се разгледуваат опции за промена на ресори и мислам дека многу бргу ќе го затвориме овој прв дел од процесот“, изјави премиерот, оценувајќи дека досегашните разговори се одвивале во добра и пријатна атмосфера.

За денеска е најавена средба и со коалицискиот партнер ЗНАМ, на која треба да се разговара за резултатите на функционерите, но и за слабостите што треба да бидат надминати во следниот период.

Планот е сите договори поврзани со реконструкцијата да бидат финализирани до крајот на јуни, по што предлогот со новиот состав и распределбата на ресорите ќе биде испратен до пратениците.

Промените, според најавите на Мицкоски, нема да завршат само со министрите и со централната власт. Ќе следува и анализа на работата на директорите на јавните претпријатија, како и на раководните структури во општините и подрачните единици.

Премиерот посочи дека Владата е исклучително задоволна од работата на дел од функционерите, но дека има и позиции на кои резултатите можат и мора да бидат подобри.

Со тоа се отвора можност реконструкцијата да опфати повеќе нивоа на власта, од министерските места до директорските и локалните функции, иако конкретниот опфат ќе биде познат дури по завршувањето на разговорите со сите коалициски партнери.

Паралелно, ВМРО-ДПМНЕ во втората половина на јули планира да започне процес на ажурирање на членството и ново зачленување, кој треба да трае до крајот на септември.

Мицкоски најавува дека целиот процес треба да донесе подлабоки кадровски и организациски промени, кои би биле заокружени до крајот на летото.

Најчитано