Во Македонија е регистриран првиот случај на инфекција со вирусот зика, потврди Институтот за јавно здравје. Станува збор за импортиран случај кај лице кое во мај престојувало на Малдивите, каде што било каснато од комарец.
Позитивниот наод бил потврден на 17 јуни од Одделението за вирусологија при ИЈЗ, по извршени серолошки и молекуларни анализи.
Пациентот престојувал на Малдивите од 20 до 28 мај. Првите симптоми се појавиле на 24 мај, со треска, болки во мускулите и зглобовите и лесно покачена температура. Четири дена подоцна се појавил и ситен, густ осип.
По враќањето во Македонија, лицето се јавило на преглед на Клиниката за инфективни болести, каде што првично било поставено сомнение за денга. Биле направени анализи за денга, зика и чикунгуња, по што лабораториски било потврдено присуството на вирусот зика.
Пациентот не бил хоспитализиран, туку бил испратен на домашно лекување и во моментов е во добра општа здравствена состојба.
Од ИЈЗ нагласуваат дека станува збор за инфекција стекната во странство и дека во моментов ризикот за населението во Македонија е низок.
Сепак, поради зголемениот број патувања кон тропските туристички дестинации, како Малдивите, Тајланд, Индонезија, Бразил и Карипскиот Регион, постои можност во иднина да бидат регистрирани и други импортирани случаи.
Дополнителен ризик претставува распространетоста на азискиот тигрест комарец во повеќе европски земји. Овој вид комарец може да биде преносител на вирусот доколку касне заразено лице, а потоа и друго лице.
ИЈЗ веќе спровел епидемиолошка анкета, го пријавил случајот до надлежните служби и организирал дезинсекција во околината на местото на живеење на пациентот. На лицето му биле дадени и совети за спречување сексуален пренос на инфекцијата.
Зика најчесто се пренесува преку убод од заразени комарци од родот „Аедес“, кои се активни главно во текот на денот. Вирусот може да се пренесе и по сексуален пат, од бремена жена на плодот, како и преку трансфузија на крв.
Инкубацијата најчесто трае од три до 14 дена. Околу 80 проценти од заразените лица не развиваат симптоми, а кај останатите болеста најчесто минува во лесна форма со осип, покачена температура, главоболка, воспаление на очите и болки во мускулите и зглобовите.
Посебен ризик постои кај бремените жени, бидејќи инфекцијата може да предизвика микроцефалија и други вродени малформации кај плодот, предвремено породување или спонтан абортус.
Зика може да биде поврзана и со невролошки компликации, меѓу кои синдромот Гилен-Баре, невропатија и воспаление на ‘рбетниот мозок.
За вирусот не постои специфичен лек ниту вакцина, а третманот е насочен кон ублажување на симптомите.
ИЈЗ им препорачува на граѓаните кои патуваат во тропски и суптропски подрачја да користат средства против комарци, да носат облека со долги ракави и ногавици и да поставуваат заштитни мрежи на прозорците и вратите.
Се препорачува и отстранување на застоената вода од дворовите, садовите, бурињата, гумите и другите места каде што комарците можат да се размножуваат.
Лицата кои по враќање од тропска дестинација ќе развијат температура, осип, главоболка, болки во телото или невролошки симптоми треба веднаш да побараат лекарска помош и да го информираат лекарот за патувањето.
