СДСМ: Се префарбаа за да ги прикријат на неуспесите и да продолжат со истите политики

СДСМ

Опозициската СДСМ ја оцени најавената реконструкција на Владата како „козметичка промена“ чија цел, според партијата, не е подобрување на работата на извршната власт, туку продолжување на досегашните политики.

Во партиско соопштение, СДСМ тврди дека разговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицискиот партнер ЗНАМ за реконструкција на владиниот состав претставуваат обид за, како што наведуваат, „префарбување на тендер коалицијата“ без суштински промени во начинот на владеење.

Од СДСМ оценуваат дека реконструкцијата има за цел да го одвлече вниманието од економските проблеми со кои се соочува државата и граѓаните.

„Целта на оваа реконструкција не е подобра Влада. Целта е мачкање очи на граѓаните и продолжување со криминалните тендери, зачувување на коруптивните мрежи и купување на уште малку време“, се наведува во соопштението.

Партијата ја обвинува Владата дека не успева да одговори на економските предизвици, посочувајќи на растот на трошоците за живот, ниските плати и иселувањето на младите.

Според СДСМ, најавените кадровски промени нема да донесат суштински реформи, бидејќи, како што наведуваат, станува збор за исти политики спроведувани од истата владејачка коалиција.

Од опозициската партија порачаа дека граѓаните очекуваат борба против корупцијата и реформи во правосудството, наместо реконструкција на Владата.

„Граѓаните не сакаат нови министри, тие сакаат крај на криминалните тендери, крај на лажењето и крај на политиката која ја уништува државата“, се вели во реакцијата на СДСМ.

Најчитано