Серија од седум последователни земјотреси утрово го погоди подрачјето во Црното Море во близина на Севастопол, а два од потресите биле почувствувани и во градот.
Според податоците на Кримската сеизмолошка мрежа, првиот посилен земјотрес бил регистриран во 6:14 часот, со магнитуда од 3,7 степени. Неговиот епицентар се наоѓал на околу 26 километри од Севастопол.
Само неколку часа подоцна, во 8:48 часот, следувал уште посилен потрес со магнитуда од 4,4 степени, регистриран на околу 30 километри од градот.
Локалните власти соопштија дека засега нема информации за повредени лица или оштетени објекти. Граѓаните биле повикани да останат смирени и да ги следат официјалните информации.
Не се исклучува можноста во следниот период да бидат регистрирани и дополнителни потреси. Сеизмолозите посочуваат дека Крим и поширокото подрачје на Црното Море се наоѓаат во сеизмички активен регион.
Ова е нова серија земјотреси во близина на полуостровот. На 31 мај во морето, на околу 15 километри од кримскиот брег, беше регистриран земјотрес со магнитуда од 3,3 степени.
