„Стоп за Усје“ денеска со марш „НЕ за нова дозвола по стари правила“

„Стоп за Усје“

„Стоп за Усје“ денеска во 18:00 часот ќе го одржи маршот „НЕ за нова дозвола по стари правила“, со почетна точка пред Собранието на Република Северна Македонија и завршница пред Министерството за животна средина и просторно планирање.

Според граѓанската иницијатива, маршот е организиран поради сериозните недостатоци во постапката за обновување на А-интегрираната еколошка дозвола за цементарницата „ТИТАН Усје“. Верзијата на барањето која е објавена за увид не само што не е подготвена според идните стандарди, туку содржи и помалку информации од постојната дозвола. Во документот се наведени гранични вредности за само три загадувачи, кои се идентични со оние од старата дозвола и се до осум пати повисоки од важечките стандарди во Европската Унија.

За „Сто за Усје“ уште позагрижувачки е што целосно недостасуваат гранични вредности и обврски за мониторинг за едни од најопасните загадувачи – тешки метали, диоксини и фурани. Станува збор за супстанции со сериозни последици врз здравјето на луѓето и животната средина, а токму нивните емисии се поврзуваат со согорувањето на алтернативни горива, за кои „Усје“ во новата дозвола бара зголемување на количините за употреба, без во барањето да бидат предвидени соодветни мерки за контрола и мониторинг на овие опасни загадувачи!

Организаторите најавија дека на денешниот марш ќе споделат дополнителни информации и факти од документацијата кои отвораат сериозни прашања за квалитетот на постапката и за заштитата на здравјето на граѓаните.

Најчитано