Во малата херцеговска општина Билеќа, портретот на Путин виси на ѕидот на општинската сала, а локалните власти отворено ја негуваат блискоста со Русија. Но зад симболиката стои поинаква реалност: значаен дел од инфраструктурните проекти и подобрувањето на животните услови се финансирани со европски средства.
Според јавно достапните податоци, на таа локација немало значајни руски инвестиции, додека истовремено биле реализирани европски проекти во вредност од околу 1,5 милиони евра, според јавно достапните податоци на ЕУ, пишува Радио Слободна Европа.
Најилустративен пример е реконструкцијата на градскиот базен и други комунални проекти кои се реализираат со поддршка од фондови на Европската Унија. Така, додека локалните политичари ја нагласуваат „братската“ врска со Москва, конкретните инвестиции што ги чувствуваат граѓаните доаѓаат од Брисел.

Сторијата на Радио Слободна Европа укажува дека руското влијание во делови од Босна и Херцеговина е политичко и повеќе од симболичко, додека економската и развојната поддршка главно ја обезбедува Европската Унија. Во таа смисла, Билеќа станува метафора за пошироката противречност во регионот: портретите и пораките се проруски, но водоводите, патиштата, базените и локалниот развој се финансирани од европските даночни обврзници.
