Платите на претседателот и судиите на Уставниот суд ќе се зголемат од 1 октомври, откако Судот укинал делови од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица.
Одлуката се однесува на законските одредби со кои се утврдуваат коефициентите за пресметување на платите на претседателот и членовите на Уставниот суд.
Со нејзиното стапување во сила повторно ќе се применуваат претходните, повисоки коефициенти. Платата на претседателот на Уставниот суд ќе се пресметува со коефициент 3,08, а на уставните судии со коефициент 2,85.
Претходно коефициентите беа намалени на 2,81 за претседателот и на 2,60 за останатите судии. Според првичните процени, враќањето на старите коефициенти ќе значи зголемување на месечните примања за најмалку 200 евра.
Уставниот суд оценил дека платите на неговите судии не треба да се уредуваат според исти критериуми како платите на министрите и другите избрани и именувани функционери.
Како аргумент е наведена посебната уставна положба на Судот и потребата материјалната сигурност на судиите да биде дел од гаранциите за нивната независност и самостојност.
Постапката била поведена по сопствена иницијатива на Уставниот суд. Владата и Собранието биле повикани да достават мислење за оспорените одредби, но, според објавените информации, не одговориле во предвидениот рок.
Судот претходно побара прашањето за платите на уставните судии да биде уредено со посебно законско решение или со јасно издвоени одредби кои ќе ја нагласат нивната институционална и функционална автономија.
Одлуката повторно го отвора прашањето за тоа дали судиите треба самите да одлучуваат за законските одредби кои директно влијаат врз нивните лични примања, особено во период на зголемени трошоци за живот и постојани барања за повисоки плати во останатите јавни сектори.
