СДСМ: Институциите да го истражат случајот со фирма во Бугарија поврзана со Јанушев

Јанушев

Опозициската СДСМ побара од надлежните институции да го истражат случајот со бугарската компанија „ФЛУГБАН ТРАНС“ ДОО од Ќустендил, за која, според партијата, постојат информации дека е поврзана со генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.

Од СДСМ велат дека документи објавени во бугарски медиуми укажуваат на поврзаност на Јанушев со компанијата чија дејност е патен линиски превоз на стока. Според партијата, во јавно достапните анкетни листови доставени до Државната комисија за спречување на корупцијата нема податоци дека Јанушев пријавил поврзаност со фирма во Бугарија.

„ДКСК, Јавното обвинителство и сите надлежни институции мора веднаш да отворат постапка, да ги проверат сите факти и да утврдат дали постои непријавен имот, капитал или деловен интерес во странство“, соопштија од СДСМ.

Од партијата оценуваат дека случајот отвора прашања за евентуални непријавени деловни интереси и побараа јавноста да добие одговори за наводите објавени во медиумите.

СДСМ воедно го повика Јанушев да поднесе оставка од функцијата генерален секретар на Владата доколку биде отворена истрага за случајот.

Засега нема официјална реакција од Игор Јанушев или од Владата во врска со наводите изнесени од опозициската партија.

Најчитано