Трамп не ја изостави Македонија од Западен Балкан како „невообичаена и извонредна закана“ за САД

Трамп
epa11843463 US President Donald Trump delivers remarks on artificial intelligence (AI) infrastructure in the Roosevelt Room of the White House in Washington DC, USA, 21 January 2025. Trump is expected to announce a 500 US billion dollar AI infrastructure investment in the US. EPA-EFE/AARON SCHWARTZ / POOL

Одлуката на САД да ја продолжи вонредната состојба за Западен Балкан одамна не се одржува поради страв од нова војна во Босна и Херцеговина, Македонија или на Косово, туку поради проценката на Вашингтон дека корупцијата, политичката дестабилизација и обидите за поткопување на државните институции сè уште претставуваат безбедносен ризик за регионот и за американските интереси.

Оваа вонредна состојба првпат беше прогласена во 2001 година, во период кога Балканот сè уште се опоравуваше од војните во поранешна Југославија и кога во тогашна Македонија се одвиваше вооружениот конфликт што заврши со Охридскиот рамковен договор.

Тогашната администрација на претседателот Џорџ Буш оцени дека екстремистичкото насилство, како и активностите што ги попречуваат мировните договори во Босна и Косово, претставуваат закана за американските надворешнополитички интереси.

Одлуката на американскиот претседател и оваа година повторно да ја продолжи националната вонредна состојба поврзана со Западен Балкан на прв поглед може да звучи како драматична безбедносна мерка. Суштината е поинаква: не станува збор за непосредна криза или за очекување нов конфликт во регионот, туку за зачувување на правната рамка преку која Вашингтон може брзо да воведува санкции против политичари, бизнисмени и структури што го загрозуваат мирот, демократијата и евроатлантската интеграција на регионот.

Вонредна состојба, рамка за „Црна листа“

Додека првично фокусот беше ставен врз спречување насилство и дестабилизација, денес американската администрација ја користи истата правна основа за санкционирање лица кои се поврзуваат со корупција, поткопување на демократските институции, организиран криминал и закани по Дејтонскиот мировен договор во Босна и Херцеговина.

Особено значајна беше 2021 година, кога администрацијата на Џо Бајден ја прошири рамката преку Извршната наредба 14033. Со тоа санкциите повеќе не беа резервирани само за оние што поттикнуваат насилство, туку и за лица што ја загрозуваат регионалната стабилност преку корупција, попречување на демократските процеси или непочитување на меѓународните договори.

Токму ова објаснува зошто во последните години на американските „црни листи“ се најдоа политичари и бизнисмени од повеќе балкански држави, вклучително и од Северна Македонија.

Сепак, во образложението за ова најново продолжување има нијанса која многу зборува.

Во најновото образложение Белата куќа наведува дека и натаму постојат активности кои ја попречуваат демократската консолидација и целосната интеграција на регионот во евроатлантските институции. Според американската проценка, состојбите во Западен Балкан сè уште претставуваат „невообичаена и извонредна закана“ за надворешната политика и националната безбедност на САД.

Во образложението од 2026 година експлицитно се наведува и Извршната наредба 14140 од 8 јануари 2025 година.

Во неа се наведуваат конкретни причини кои повлекоа ново продолжување на вонредната состојба: обиди за оспорување на суверенитетот и територијалниот интегритет на државите од Западен Балкан; поткопување на поствоените договори и институции; значајна корупција што го еродира владеењето на правото; избегнување на американските санкции.

И корупцијата и поткопаните институции се безбедносно прашање

Оттаму, логично е прашањето дали „ништо не се променило“?

Одговор би бил: формално – не многу, политички – да.

Од формален аспект јазикот за „невообичаена и извонредна закана“ останува речиси идентичен со претходните години.

Трамп и Вашингтон и понатаму сметаат дека на Западен Балкан постојат лица и структури што ја попречуваат стабилизацијата и демократскиот развој на регионот.

Од политички аспект во 2026 година американската администрација веќе не се повикува само на наследството од конфликтите од 1990-тите и 2001 година.

Фокусот е префрлен кон корупцијата, поткопувањето на институциите и предизвиците кон суверенитетот на државите во регионот.

Според сето ова, и формалните и политичките аспекти за мотивацијата на САД да ја продолжат вонредната состојба за Западен Балкан, вклучително и за Северна Македонија, од агол на американската надворешна политика и национална безбедност, се сосема разбирливи, ни се допаѓало нам тоа или не.

З. Б.

Најчитано