Јовановиќ: Во Владата се обратни алхемичари, од нешто прават ништо, огромниот буџет испарува

Јовановиќ

Во ова интервју за Рацин.мк, Бранимир Јовановиќ, од Виенскиот економски институт ја споредува владата со средновековните алхемичари и оценува дека таа од нешто прави ништо.

Буџетот се троши на непродуктивни настани како „Силно светнал ден“, укажува Јовановиќ и потсетува дека ние не знаеме колку пари го чини народот „Силно светнал ден“ што добива јавноста од тоа.

Луѓето коишто живеат на минимална плата сега живеат полошо отколку пред две години, тврди Јовановиќ во ова интервју. Животните трошоци се зголемени, а растот на платите апсолутно не го следи тоа.

Со нонсенс математиката за раст на платите, Мицкоски само пробува да се испере и да го замаскира фактот дека нема реален раст на платите, вели Јовановиќ и смета дека неговата влада нема право оваа влада да збори за плати, таа не сака да ги покачи платите.

Според Јовановиќ, на Мицкоски не му е гајле на него за обичниот работник, за обичниот човек, за селанецот, за сиромашниот. Тој смета дека актуелната влада работи за крупниот капитал, работи за богатите, за бизнисмените.

Оваа влада не ја интересира јавниот интерес. Сé што постои е личен интерес и желба за лично богатење, смета Јовановиќ и вели дека не може да се вадите постојано на тоа дека претходните биле лоши. Веќе поминал рокот на таа карта.

Наместо да се вложуваат во сиромаштија, во образование, здравство, култура, загадување, паркови, ние парите на граѓаните им ги даваме на странски банки како камата на јавниот долг.

Странски инвестиции веќе нема да има, е ставот на Јовановиќ, и тврди дека На Македонија ѝ треба автентична индустриска политика.

Јовановиќ оценува дека оваа власт апсолутно нема никаков интерес да направи било што во насока на приклучување на ЕУ.

Со Бранимир Јовановиќ разговараше Зоран Бојаровски

Во ова издание на серијата интервјуа „Имаме неколку прашања за вас“ гостин ни е Бранимир Јовановиќ, наш познат економски експерт, сега веќе на подолг престој би рекол во Виена, во Економскиот институт во Виена.

Серијалот се вика „Имаме неколку прашања за вас“, но бидејќи ретко те имаме заради тоа што  живееш во Виена, овој пат ќе има повеќе прашања и се надевам дека тоа нема да ти пречи. Да го искористиме максимално твоето присуство во Скопје.

Еве да почнеме со темата буџет на Република Северна Македонија. Мнозинството во Парламентот овозможи буџетот да помине таков како што они го замислуваат. Дали таков како што они го замислуваат е соодветен на она што се потребите, трошоците, приходите на Република Северна Македонија?

Да, буџетот да помина. Меѓутоа буџетот е секогаш актуелна тема, затоа што ги отсликува политиките на Владата не само во економскиот дел, него општо. Јас не сакам да мистифицирам, не сакам да зборувам многу во оние класични економски термини кои што за најголем дел од луѓето се како научна фантастика.

Сакам да ги сведам работите на многу ниско ниво. За буџетот конкретно. Овој буџет сега последно што го донесоа е околу седум милијарди евра во вкупна големина. Тоа значи државата ќе земе шест и нешто милијарди ќе потроши седум милијарди, има некој дефицит, а 2017 година, кога ја бев дел од Министерството за финансии, државниот буџет беше три и пол милијарди евра. Тоа не е толку далеку.

Тоа е како вчера, барем за мене, веројатно и за поголем дел од луѓето. Значи, овој буџет е двојно поголем од тој буџет тогаш. Дали нешто во оваа држава се променило двојно подобро станало двојно подобро во овие седум осум години?

Јас мислам дека не. Еве можеби грешам. Не живеам тука. Доаѓам два пати во годината, ама од она што јас го гледам и што зборувам со луѓето, јас стварно не гледам дека нешто толку многу се подобрило. Гледачите сами нека се запрашаат дали нешто во оваа држава толку многу се променило за државниот буџет стане двојно поголем.

Дали кога одите на доктор во државна болница условите таму се подобри, дали има нови кревети, дали е климатизирано, дали е чисто или е исто како што беше секогаш?

Дали школите каде што ги праќате децата, се нови и реновирани или пак се руинирани, со стари прозорци искршени? Дали инфраструктурата, тротоарите кога ќе патувате, кога ќе шетате низ градот, дали се средени, дали ѓубрето е средено, дали имате нови паркови, зелени површини?

Јас не гледам просто ништо подобрено во тој поглед. Знаете, алхемичарите биле луѓе кои што од ништо правеле нешто. Мислам не правеле, туку пробувале да направат. Нашите политичари, посебно оваа гарнитура сега, се обратни алхемичари.

Тие од нешто прават ништо. Значи од тие седум милијарди евра на државниот буџет нема ништо, не прават ништо, практично ги испаруваат тие пари. И тоа ми е мене главниот проблем со овој буџет. Јас не сум противник на тоа државата да троши. Нека троши. Секогаш се залагам за тоа. Меѓутоа да троши на работи кои што се видливи, кои што видливо го подобруваат животот за обичниот човек.

Во овој буџет, ниту во последниве неколку буџети, не гледам ништо такво. Океј, ќе каже некој има инфлација, цените се повисоки. Поради тоа и буџетот е поголем. Меѓутоа инфлацијата во овие седум осум години е околу 50%. Не е 100% за да кажете дека поради инфлацијата буџетот е сега толку поголем. Нешто се зголемени пензиите. Да, во ред, меѓутоа и тоа не е толку зголемено. Пензиите не се дуплирани во однос на пред седум осум години. Така што, за мене, тоа е главниот проблем со овој буџет, што државата зема пари, троши многу пари, а ги троши на ништо.

Ние не знаеме на што се трошат тие пари. Тоа се оние непродуктивни расходи. Неколку примери само ќе дадам сега. Многу ми беше ова симпатично, а гледам дека никој не го зборува во држава. Значи дојдов јас тука пред две три недели. Иначе сум по потекло од Куманово и со мајка ми се видов пред некој ден, а ја прашувам што се случува во Куманово.

Буџетот се троши на непродуктивни настани како „Силно светнал ден“.

Ништо нема, како мртов град. Пред некој ден беше оној караван „Силно светнал ден“. Ја прашав како беше тоа и она вика тоа ти е парада на ВМРО-овци. Значи тоа е собрале не знам стотина уметници шетаат низ градови, си направиле некое шоу со нивни уметници.

Таа парада може да се критикува на многу начини. Може на многу основи може да се критикува. На пример јас прашав имаше ли некој Албанец што пееше. Немаше. Имаше ли нешто на албански? Немаше. Имаше ли некој Србин, да пее бидејќи Куманово има големо големо српско малцинство? Нема. Имаше ли некој Ром? Мајка ми вика не приметив дека има. Значи, како прво може да го критикувате на таа основа. Како второ, гледате во кои градови оди тој караван. Не оди во ниеден град од Западна Македонија. Зошто? Западна Македонија не постои? Значи оди во  македонски чисти градови, односно можеби не чисти, но доминантно македонски градови.

Тоа е многу проблематично, но за мене најпроблематично е што ние не знаеме колку пари се потрошени на тој караван и колку пари допрва ќе се потрошат и што добива народот од тоа, што добива јавноста од тоа. Според мене нема никакво ништо позитивно од тоа, освен што се ухлебуваат на некој начин уметниците и музичарите и глумците кои што се блиски до оваа власт или можеби не се блиски, но ќе станат блиски поради големите хонорари што ги зимаат. Се шири некој етнонационализам од кој што ВМРО никогаш не успеа да се извлече. Така што тоа е само една илустрација за тоа на што се трошат државните пари. Се трошат на такви настани за кои што ние не знаеме ни колку ќе чинат, а апсолутно немаат никаква општествена корист.

Така што, ако овие седум милијарди државен буџет се потрошат на болници, на инфраструктура, на образование, на култура, на паркови, дури и на плати, да ги зголемат платите на учителките, докторките, докторите. Јас ќе кажам супер, браво, супер што го направивте тоа. Меѓутоа, за жал јас не гледам ништо такво.

Ние не знаеме колку пари го чини народот „Силно светнал ден“ што добива јавноста од тоа.

Да бидеме чесни во пристапот, буџетот сега е усвоен. Можеби ќе успеат нешто да направат. Дали во самиот буџет препознавате какви се навиките на трошење на парите на ВМРО како што е нетранспарентноста во однос на „Силно светнал ден“ на пример? 

Вие во неколку наврати во вашиот одговор ја спомнавте и инфлацијата. Како буџетот го гледа обичниот граѓанин? Како буџетот се рефлектира преку прашањата кои ги поттикнува инфлацијата, за која власта тврди е намалена во последните години, но споредбите што се прават со некои минати времиња се апсурдни. Направени се така што дури и најлаичниот човек тешко дека ќе поверува дека има некаков резон од сето тоа.

Како вие го толкувате тоа? Како обичниот човек ја доживува инфлацијата денеска, иако е таа намалена?

Инфлацијата е намалена, меѓутоа цените не се намалени. Цените продолжуваат да растат затоа што инфлацијата значи раст на цени.

Тоа што премиерот, или кој и да е, вика дека инфлацијата се намалила од десет отсто на четири отсто, или колку и да е сега во последниве неколку месеци, тоа апсолутно не значи дека цените се намалиле, туку цените продолжуваат да растат, но со можеби малку побавна динамика стапка на раст и тоа е чисто заради глобални причини.

Земете колкава беше глобалната инфлација пред две три години, а колку е сега. Тоа што инфлацијата кај нас сега е пониска отколку пред две три години, нема никаква врска со оваа влада, туку има врска со глобалните движења.

Околу инфлацијата еве наједноставен пример, за да не мистифицираме. Пред да дојде оваа гарнитура на власт, онаа минимална потрошувачка кошница што ја публикува синдикатот покажуваше дека на четиричлено семејство му беа потребни во мај, јуни, 2024 година, околу шеесет илјади денари. Тоа значи дека на обично четиричлено семејство му беа потребни минимум шеесет илјади денари за да преживеат еден месец. Денеска последниот податок е дека тоа е шеесет и девет илјади денари. Значи за две години, колку што овие на власт тие трошоци се зголемиле за девет илјади денари.

Тоа е петнаесет отсто раст. Тоа е тоа е реално зголемување на животниот трошок.

Луѓето коишто живеат на минимална плата сега живеат полошо отколку пред две години.

Тука на оваа, како дополнителна бројка се додаваат кириите и достигнува до осумдесет илјади денари…

Апсолутно ќе го искоментирам и тоа, но ова се минимални трошоци за живот.

Но, ова се минимални трошоци за живот. Не за нормален живот, туку за да преживеете, а таа треба да се споредува со минималната плата во државата. Минималната плата во Македонија пред да дојде ВМРО на власт беше 22,5 илјади денари.

Денеска е 26 илјади. Значи таа е зголемена за 3,5 илјада денари. Значи, за едно четиричлено семејство минимални трошоци се зголемиле за девет илјади, а минималната плата е зголемена за 3,5 илјади. Ако земете двајца во семејството да работат на минимална плата, тие пред ВМРО на власт да дојдат имале четириесет и пет илјади денари.

Значи им останувало празна кошничката од околу петнаесет илјади денари. Не успевале да ја пополнат. Сега тие имаат околу педесет и две илјади денари. Им фалат уште повеќе. Им фалат осумнаесет илјади денари. Седумнаесет илјади денари колку и да е. Значи им фалеле петнаесет, сега им фалат седумнаесет илјади.

Значи, обичните луѓето коишто живеат на минимална плата сега живеат полошо отколку пред две години. Тие може да пополнат уште помал дел од кошничката. Уште поголема дупка им останува сега отколку пред две години. Пред две години имале дупка од петнаесет илјади денари месечно, а сега има дупка од седумнаесет илјади денари месечно. Значи не можете апсолутно вие да зборувате за тоа дека обичниот човек живее подобро во оваа држава.

Владата ја критикува таа минимална кошничка дека не била добра…

Да, тоа сакав да кажам, они си направија своја кошничка...

Да, и ја објавија? Нека ја објават таа нивна кошничка, па да зборуваме. Се фалеше Мицкоски ќе објавиме десет кошнички за вакво семејство, такво семејство и на крај се повлече веројатно затоа што сфати дека ако објави некоја кошничка од, не знам, триесет илјади денари, сите ќе му скокнат и кажат „оди ти живеј со триесет илјади денари“.

Ама нема потреба Мицкоски или Владата да прави кошничка. Заводот за статистика објавува податоци за потрошувачката на домаќинствата. Ова се официјални податоци за потрошувачката на домаќинствата.

Последниот податок што е објавен е за првиот квартал за оваа, 2026 година тоа е околу 146 милијарди денари. Ако го поделите тоа на три месеци на бројот на домаќинства во Македонија, што е околу 600 илјади, добивате дека просечната потрошувачка на едно просечно во просек на домаќинства во Македонија е околу деведесет илјади денари месечно, значи повеќе од овие на синдикатот од 69 илјади денари.

Според Заводот за статистика пред две години тоа беше 78 илјади денари. Исто така, во првиот квартал на 2024 година, во просек трошоците за едно семејство домаќинство се зголемени за околу 12 илјади денари.

Значи уште повеќе од овие 9 илјади што се зголемени за семејствата со минимални примања, така што апсолутно животните трошоци се зголемени во Македонија во овие две години. Тоа е и според синдикатот. Тоа е и според Заводот за статистика, а растот на платите апсолутно не го следи тоа.

Гледам сега премиерот изнесе некои бројки. Растот на платите сега бил триесет, дваесет пет посто повисок отколку што бил во времето на претходната влада. Тоа не се ни смешни бројки, тоа е апсолутен нонсенс. Само една чиста илустрација што ме потсети прво кога го видов тоа.

Пред некое време со син ми гледаме серии. Син ми е сега тинејџер и гледаме Game of Thrones. Има една сцена во Game of Thrones кога лудиот крал Џофри Баратеон повторува додека се кара со неговите советници и повторува сто пати:

Јас сум кралот, јас сум кралот, јас сум кралот. Неговиот дедо, кој што е всушност главниот и што ги влече конците, Тивин Ланистер и без и да му свика, само го погледна остро и му кажува „ако си ти навистина крал, нема да има потреба да кажуваш дека си крал“.

Така и ова со Мицкоски. Ако навистина платите се зголемиле, тој нема да има потреба да го кажува тоа. Луѓето сами ќе заклучат дека платите се зголемиле дека тие живеат подобро. Тоа што толку се напнува со раст на платите, што пробјува да се испере, тоа само покажува дека нема раст на плати, дека се живее полошо и он има проба да го замаскира тој факт. Јасно му е. Анкетните веројатно му покажуваат дека поддршката му паѓа, дека луѓето живеат полошо и тој пробува на некој начин да се испере.

Животните трошоци се зголемени, а растот на платите апсолутно не го следи тоа.

Уште една работа само околу ова. Оваа влада е единствената влада, што, барем јас колку што се сеќавам, колку што ми служи меморијата што одби на Економско социјалниот совет да ја покачи минималната плата.

Немало влада до сега. Тој економско социјален совет десетина години не е многу стар. Се воведе во времето на Груевски.

Но, европската пракса е таква. Стандардните се такви...

Во негово време се договарале со Живко Митревски. Тој му седеше во скут, ама се договараа колку да биде минималната плата, после со СДСМ се договараше.

Првпат во историјата на оваа држава нема договор со Економско социјалниот совет колку ќе биде минималната плата беше во времето на оваа влада. Нема право оваа влада да збори за плати та не сака да ги покачи платите.

Јасно е како бел ден им штрајкува синдикатите им штрајкува. Може да зборуваме колку биле успешни тие штрајкови, зошто не биле успешни.

Меѓутоа им штрајкува и излегоа се бунат. И сега Мицкоски лаже дека тие пробале. Да не убеди дека сакале да ги зголемат платите. Не сака да ги зголеми платите затоа што не му е гајле на него за обичниот работник, за обичниот човек, за селанецот, за сиромашниот.

Оваа влада е влада која што работи за крупниот капитал, работи за богатите, за бизнисмените. Еве гледаме сега пробаат дата центри да отвораат. За тие бизнис интереси се среќаваат со такви лоби групи. Гледаме дека секоја недела се среќава со крупниот капитал во Комората, така што јасно е како бел ден дека оваа влада не работи за работникот и за сиромавиот, за селанецот, туку работи за крупните капиталисти и тоа е главната причина зошто не сака да ги зголеми платите, но пробува сега да се испере затоа што гледа дека поддршката му паѓа и дека луѓето тешко живеат и се бунат.

Многу ме интересира понатаму да разговараме за таа. Јас ќе ја наречам пи-ар логика, пи-ар економија, која се обидува да ги изврти, да ги манипулира реалните податоци со платите, со инвестициите, со буџетот и така натаму.

Но, пред тоа ме поттикна да ве прашам зошто настојуваат да им седнат во скутот или да им бидат партнери на големите бизниси. Која е логиката кога гласот на следните избори треба да дојде од граѓанинот?

Затоа што сакаат да се збогатат, затоа што не му е гајле на нив. Јас мислам дека не им е ниво. Они знаат дека нема да владеат долго, дека нема да владеат вечно и си викаат сега ми е шансата додека сум на власт, да се збогатам, да се обезбедам за цел живот и мене и моите деца, да постигнам сé што не сум успеал да постигнам и ќе ја искористам можноста.

Еднаш ми се дава можноста. Ова се моите пет минути и јас ќе ги зграпчам. Тоа служење на јавното добро и на јавниот интерес, не постои тоа. Никогаш не постоело во Македонија, сите биле исти, дури тие самите така си викаат. Јас не сум будала да бидам првиот што ќе се жртвувам, што ќе работам за јавно добро кога знам дека кога тогаш ќе ги изгубам изборите, нема да владеме вечно.

Тоа е начинот на размислување. Во Македонија не постои јавен интерес. Не само сега. Според мене триесет и пет години не постои. Дури од самиот почетокот на оваа држава јас мислам дека не постои. Тоа е моја радикална теза, дека не постои јавен интерес, но не мора да одиме толку далеку.

Сега дефинитивно не постои. Оваа влада нема јавен интерес. Сé што постои е личен интерес и желба за лично богатење на нив самите и на нивните бизнис интереси. Затоа што знаат дека кога ќе ги сменат, кога нема веќе да бидат на власт, тие мора да имаат некој друг живот и сега ќе се зближам јас со бизнисмените.

Ќе си започнам некои бизниси. После тоа, кога ќе ме сменат, ќе си имам некоја работа, така што јас сум си обезбеден за цел живот.

Со нонсенс математуката за раст на платите Мицкоски само пробува да се испере и да го замаскира фактот дека нема реален раст на платите.

Околу тоа за добивање на изборите: Имате бизнисмени кои што ги убедуваат работниците, ги присилуваат. Имате медиуми, телевизии кои што перат мозок. Имате многу луѓе што се уценети, имате многу јавна администрација што се уценети, имате партиски гласачи, имате сиромашия на кои што им даваат вреќа брашно. Оно што се викаше народ и сега даваат можеби по илјада денари за да гласат.

На тој начин се добиваат изборите кај нас, не со волја личната волја на гласачите.

Се разбира, не секогаш. Никој не може да опстане вечно на власт со овие механизми и на овој начин, но може комотно еден два мандата може да се истерат на тој начин, односно да се добијат едни избори. Така што, тоа е дополнителен аргумент зошто оваа влада не сака сега да ги покачува платите затоа што си вика работниците пак ќе гласат за мене, ќе ги присилам, ќе им фрлам коска пред изборите, ќе гласат за мене.

Сите мои партиски членови, малце пропаганда, малце на сиромашните, така што имаат начин како да ги купат изборите, не им е важно. За жал ние не сме демократија. Во демократија апсолутно гласот на обичниот човек би вредел, би ги одлучувал изборите, но за жал тука – не!

Волјата на тој човек би ги одлучувала изборите, но за жал ние не сме демократија. Веројатно поголем дел од земјите во светот кои што се номинални демократии не се реални демократии. Сега во Австрија живеам, можам и за Австрија да зборувам.

Македонија како држава апсолутно не е демократија за жал. Поради тоа останувањето на власт на таквите луѓе Македонија за жал е плутократија. Ако сакате наречете го олигархија, држава во која што политиките можеби се креирани од страна на богатите.

Можеби сите оние луѓе што седат во стопанска комора не седат во Влада, понекогаш седат, ама не секогаш. Но политиките се во нивен интерес. Можеби не се од нивна страна, ама се во нивен интерес. Демократијата не ли од народот и за народот? Ние можеби имаме некоја квази демократија каде што имате формално гласање и можеби претставниците што се во Собрание се од партијата, можеби доаѓаат од некој си народ, ама мерките што ги носат, политиките што ги креираат никако не се за народот, туку се пред се во економската сфера, пред се се во интересот на богатите и на крупните компании.

Да се вратиме пак на економските логики и на она што значи економијата како наука, како0 инструмент кој ги движи процесите во земјата.

Да се свртиме кон капиталните инвестиции, јавниот долг, задолжувањата, странските инвестиции и така натаму. Да почнеме со капиталните инвестиции.

Секоја влада зацртува некакви капитални инвестиции, одредува сериозен дел од буџет за таа намена и тие треба да бидат некаков мотор за развој.

Но кај нас гледаме, а и самите ја отсликавте таа ситуација, не е така. Зошто не се реализираат? Кој е проблемот тука ако тоа оди во прилог на и на политичките елити, а се разбира и на граѓаните?

Затоа што не сакаат да ги реализираат капиталните инвестиции. Капиталните инвестиции во оваа држава никогаш не биле средство и инструмент за подобрување на животот, за јавни политики, за јавно добро. Никогаш немале политичарите намера да го подобрат животот за обичните луѓе преку капиталните инвестиции, туку секогаш сакале само да се фалат.

Нема право оваа влада да збори за плати, таа не сака да ги покачи платите.

Капиталните инвестиции во Македонија секогаш биле средство, пи-ар средство. Секогаш политичарите кога се носи буџетот на крајот на годината викаат ќе изградиме ова, ќе изградиме она, брда и долини, болници, автопати, железница. Сега се фалат со некои когенеративни гасни централи.

Дојде крајот на годината ништо не се изгради од тоа. Оваа година, мора да се признае дека има некој мало подобрување во смисла дека во првите шест месеци се реализирани околу четириесет и пет посто или така нешто од планираните инвестиции скоро пола, што е океј.

Половина од годината и скоро пола од планираните инвестиции е во ред. Да видиме како ќе бидат до крајот на годината. Не сум сигурен дека ќе го задржат темпото.

Тоа благодарение на овие инвестиции што се во патиштата, инфраструктурата главно што се веќе почнати и се тераат…

Можно е. Не знаеме точно. Нема јасни податоци дезагрегирани за да видиме на што се должи. Ама еве да ја тргнеме оваа година на страна. Лани цела година помина и реализираа само педесет посто од најавените инвестиции. Ако ви текнува кога го носеа буџетот за ‘25 година, викаа рекорден буџет за капитални инвестиции, осумсто милиони евра.

На крајот на годината реализира 450 милиони евра. Така нешто. Значи само половина од она што ветуваа. Во 2024 година кога дојдоа на власт немаа премногу време, да кажеме. Меѓутоа, во таа пола година, во втората половина од ’24 капиталните инвестиции беа пониски отколку во првата половина од годината.

Значи, кога дојде ВМРО на власт, тие наместо да ги зголемат веднаш капиталните инвестиции, тие ги намалија…

На Мицкоски не му е гајле на него за обичниот работник, за обичниот човек, за селанецот, за сиромашниот.

Тие тоа го оправдуваа со реченицата „Затекнавме празен буџет“. Што значи тоа?

Тоа секогаш е така.  Има една анегдота што ни ја кажаа кога влеговме во Министерството за финансии. Имавме состанаци тогаш со разни луѓе и на еден од состаноците со Драган Тевдоски како министар, доаѓа еден, да не го именуам кој, и ни кажува финти.

Стариот министер за финансии го вика новиот министер за финансии. Имаш во фиоката три писма од мене број еден, број два, број три. Отварај ги кога ќе дојдеш во криза.

Го отвара првото ливче министерот и таму пишува „Излези во јавност и кажи само што дојдовме на власт, немавме време да ги смениме работите“. Го кажува тоа, се смирува кризата. Доаѓа втора криза, го отвара второто писмо.

Таму пишува сега ќе кажеш „Затекнавме ситуација, многу тешки услови, не можеме уште да опоравиме, да го исправиме она што претходните го уништиле“. Го кажува тоа, се смирува кризата. Доаѓа трета криза, го отвара третото писмо и вика „Е сега поднеси си оставка“. Значи, тоа се изговори, тоа се финти.

Претходните се криви за сѐ. Ама не можете таа карта да играте вечно. Не можете. Две и пол години се скоро на власт. Не можете више да се вадите за дека се криви претходниците. Апсолутно не е така. Не може. Просто не поминува веќе тоа.

Еве сега на пример случајот со модуларните болници. Нема виновник за пожарот во Тетово. Велат затоа што Филипче се договорил со претходните кои што биле обвинители и тие го спасиле. Две и пол години имаме нова гарнитура. Го сменија јавниот обвинител и гледаме дека е многу близок до нив.

Тој ништо не направи за целиот тој случај и сега Мицкоски ќе вика дека Филипче се договорил. Нонсенс, тотален нонсенс. Значи јасно е дека тука се интересите на бизнис заедницата и дека тоа нема врска со нити со Филипче, нити со било која од претходната гарнитура.

Сакам да кажам дека не може да се вадите постојано на тоа дека претходните биле лоши, сте затекнале лоша состојба. Тоа е нонсенс и не може на таа карта вечно да се игра. Веќе поминал рокот на таа карта. Но, да се навратам на капиталните инвестиции.

Еве на пример некои од главните проекти, брзата железница што ја најавуваат и што треба да ја поврзе Србија со Грција.

Јас апсолутно го поддржувам тој проект, а не е ни почнат. Нели тие пет милијарди фунти што ги збореа со Британците?

Сега месец дена се фали новата влада дека ќе го градат тие автопатот кон Косово. Повторно истиот проект што го имаше претходната влада, само што е зголемен, само што чини дупло повеќе отколку што чинеше

Во должина од десетина, дванаесет километри

Двесте милиони евра… Нонсенс. Најавуваа проекти од унгарскиот кредит, 250 милиони евра за општински проекти за патишта, канализација, не знам чешмички во село. Во моето село во Куманово, селото на татко ми, имаше еднаш невреме, мало невреме и веднаш снема струја, немаат струја. Тоа не е ни некое далечно село. Тоа е село што е на десет минути од градот. Приградска населба. Кога при мало невреме вие немате струја, немате основна инфраструктура. се бунат селаните, немаат канализација. Велат водата што ни излегува од тоалетите на улица ни завршува. Со години бараме да ни направат канализација. Бараа средба со градоначалникот. Не знам со кого. Сите се перат, сите викаат не е до мене, до тоа претпријатие, до тоа е, до овие, оние… Сите креваат раце.  Имаше еден пат по кој што требаше да оди автобус од селото до градот. Патот се гради со години.

Оваа влада работи за крупниот капитал, работи за богатите, за бизнисмените.

Нема автобус што ќе ги води од селото до градот. Значи тоа стои со години. Сакам да кажам дека и тие селски проекти да ги реализираа со тие унгарски пари што ги зедоа, ќе беше супер. Јас не гледам ни тоа. Пазете, Куманово сега е нивна општина, најголема општина во држава. Не зборуваме за некое село во Мариовско каде што нема резон да инвестирате бидејќи никој не живее, туку зборуваме за најголема општина. Таму не инвестирате, не ги подобрувате условите, а камоли за нешто друго.

Сакам да кажам дека можеби ги имаме тие капитални инвестиции на хартија, ама во реалноста јас, за жал, не гледам ништо. Можеби треба време. Треба да видиме, може стварно нешто инвестираат…

Можеби уште еден мандат...

Веројатно, за да стават половина од парите во џебот. Меѓутоа, поверојатно е дека голем дел од тие пари се фиктивни. Пари се трошат на хартија, а во реалност завршуваат во џеб и многу малку од тоа навистина се случува. Тоа е проблемот со капиталните инвестиции, што не треба само да се гледа колку има на хартија потрошено. Можеби ќе ги пумпаат на хартија, ама во реалноста, за жал, сé уште ништо не се случува.

За обичниот граѓанин тоа уште не е ништо видливо. Може ли да ги поврземе капиталните инвестиции со втората тема, за јавниот долг или задолжувањето? Во Македонија веќе повеќе пати алармираат дека долгот го преминал психолошкиот праг, дека е премногу висок за буџет и за држава каква што сме ние.

Дали е тоа навистина така? Дали јавниот долг се претвора во нешто што не не влегува во нешто што е развој, туку сервисира некакви заостанати потреби, стари долгови

Апсолутно, со тоа што тоа секогаш било така, тоа исто мора да го истакнам. Можеби не секогаш, ама во голем дел од историјата, почнувајќи од Груевски. Ви текнува дека Груевски кога почна со неговите јавни трошења, за Скопје 2014 тој го зголеми јавниот долг трипати, а, вусшнот за ништо, освен за корупција. Слично нешто гледам и сега.

Значи оваа влада откога дојде на власт последниве две години јавниот долг е зголемен за две милијарди евра. Значи, тоа е јавен податок. Земете колку бил јавниот долг на крајот на второто квартал на дваесет и четврта година јуни пред да ја официјално преземат власт. Колку е сега јуни дваесет и шеста? Сега е околу девет и нешто милијарди. Беше 7,8 милијарди, сега е 9,7 милијарди. Значи за околу две милијарди е зголемен. Ако земете што значи тоа за Македонија, тоа значи дека секој од нас е задолжен за илјада евра. Секој од нас што живее во држава должи повеќе од илјада евра во изминативе две години. А што е направено со тие пари? Е, повторно се навраќам на прашањето што е направено? Јас не гледам ништо лошо да се земаат тие пари за да се изгради нешто добро.

Оваа влада не ја интересира јавниот интерес. Сé што постои е личен интерес и желба за лично богатење.

Ќе кажете во ред, еве градиме, земате кредит за стан, купувате стан, градите куќа што и да е ќе кажете сте се задолжиле дома сте се направиле нешто во ред.

Ние сега земаме кредити, не градиме ништо. Тоа е проблемот. А друг проблем е што долгот е 60% од БДП, тоа на обичниот човек ништо не му значи.

Јас тоа на многу покласичен начин ќе го претставам. Колку пари од буџетот ние даваме за сервисирање на долгот, односно како камата на долгот на банките? Оваа година, ’26, од државниот буџет ќе дадеме триста педесет милиони евра само за камати на долгот.

Во 2017 година, кога јас бев дел од Министерството за финансии тие пари беа околу сто дваесет милиони евра. Со години тие беа на сто дваесет милиони евра. Ние тогаш многу водевме сметка за тоа да каматите, трошоците за камати на долгот, да не ги зголемуваме, да не дадеме повеќе пари од државниот буџет за плаќање на долг отколку што било во минатото.

Значи, за седум, осум години е зголемен трипати тој износ. Тоа е огромна разлика. Сто дваесет милиони две илјади и седмнаесета година на триста педесет милиони сега тоа е страшно зголемување само за седум, осум години. Тристепедесет милиони евра тоа е повеќе него што држава дава пари од буџетот за борба со сиромаштијата.

Многу помалку пари даваме за борба против сиромаштијата отколку што им даваме на странските банки како камати за долгот што сме го земале.

По глава на жител, значи секој од нас дава во државниот буџет. Тоа се наши пари. Ние како граѓани кои што живееме во државата го полниме буџетот од даноците што ги плаќаме и државата после со тие пари троши нешто. Значи, секој од нас дава значи тристепедесет милиони поделено со еден кому осум милиони колку што се жителите на Македонија.

Тоа ви се 200 евра годишно. Значи, оваа година секој жител на оваа држава ќе даде двесте евра за камати на банки. Каква е јавната корист од тоа? Што има тој обичен човек од тоа? Ако излеземе на улица и ако ги прашаме луѓето дали вие би и дале двесте евра на владава, на државата, да направи нешто, ќе ви кажат каже не, не давам. Нема да ви даде двесте евра. Не даваат луѓето двесте евра. Никој не верува во државата, не дава двесте евра, ама за долгот државата ги зима прикриено тие пари.

Владата ги зема прикриено тие пари и ги дава на банките. Така што, тоа е проблемот со јавниот долг. Според мене, што наместо тие пари да се вложуваат во сиромаштија, во што сакате образование, здравство, култура, загадување, паркови, ние ги даваме на странски банки како камата на долг.

Не може да се вадите постојано на тоа дека претходните биле лоши. Веќе поминал рокот на таа карта.

Тука отворате едно многу суштинско прашање кое се однесува на транспарентноста и на информираноста на граѓаните. Вие кажувате дека јас сум должен илјада евра, но јас не ги чувствувам тие пари. Зошто е тоа така? Зошто секој граѓанин во нашата земја не треба да знае дека е тој должен, дека тој ги дава парите за да се одржи оваа влада? Зошто се случува тоа?

Затоа што ако знае граѓанинот, тој ќе бара одговорност од политичарот и ќе му каже како ги трошиш моите пари. Не ги трошиш моите пари добро. Ама кај нас тоа намерно се држи така за да политичарите може да прават што сакаат. Имате во други држави на пример, знаете како е.

Ја често ова го кажува како пример зошто Австрија или Западна Европа е да кажеме подемократска, односно има поодговорни политичари од нашите политичари. Не затоа што нивните политичари се просветлени. Не знам во Австрија на пример нели Франц Јозеф, Марија

Терезија како ги сметале за просветители, правеле добри дела, не знам инвестирале во образование уште пред 250 години.

Тие не го правеле тоа затоа што они биле просветители, туку затоа што се плашеле од револуција. Имало револуција во Франција. Гледаат револуција во Франција, летаат глави и сфаќаат ако јас се однесувам како Французите и не им давам на сиромашните и мене ќе ми исечат главата и затоа малку поодговорно се однесуваат.

Сакам да кажам, затоа тие се однесувале поодговорно и затоа и немале револуција. Затоа што политичарите биле поодговорни, затоа што се плашеле цело време дека граѓаните ќе станат со вилите и ќе ги изнесат надвор. Кај нас тоа не постои. Денеска граѓаните дури не ни гледаат како се однесуваат политичарите, не ги ни гледаат затоа што тие се затскриени. Ако ги видат некаде, ќе ги видат во многу добро наместено сценарио. Дури ќе ги извадат краватите, ќе се однесуваат како обични луѓе, ќе им кажат „Ние ги зголемивме платите за 325 посто“.

Тоа е работата, што граѓаните кај нас не се свесни за овие работи затоа што политичарите ги кријат свесно овие работи за да може да се однесуваат неодговорно. Ако политичарите се однесуваат одговорно, ако се транспарентни и граѓаните ги знаат сите овие работи веднаш ќе излезат на протест и ќе ги сменат.

И затоа тоа не се случува, затоа што политичарите, затоа политичарите тоа го кријат.

Тука ме потсетивте на една иницијатива што мислам дека беше во период кога и вие бевте во Министерството за финансии, кога отпочна оној процес на отворени финансии на фискално описменување.

Дали тоа е сè уште можен модел за тоа граѓаните да станат фискално писмени, буџетски писмени, да знаат што се случува со нивните пари. Да знаат дека парите што од нив ги зема некој одат во некоја насока која не оди во полза на јавното добро, на општеството, на заедницата, на граѓаните и така натаму.

Се заборави тоа. Тогаш имаше и кампања, промотивна кампања. Користете го, гледајте го ова она. Сега тоа некако сe сe спласна. И друга работа – медиумите. Медиумите тогаш беа многу по насочени. Не знам како да го наречам тоа поостри кон власта, кон владата и гледааа на што се трошат парите на граѓаните.

Само еден пример. Имаше еден државен функционер кој што си даде оставка затоа што со службено возило ја возел ќерка си мислам во Грција или во Бугарија на одмор? Не го оправдувам тоа, ама замислете за што си даваа оставки тогаш луѓето.

А сега што прави оваа влада? Ќе потсетам само кога Мицкоски леташе со бизнис класа. Не само он, него сите од неговата придружба. Десет луѓе, или колку и да беа, летаа со бизнис класа, десет илјади евра билет до Америка.

А тој излезе со ироничен одговор: Ме болат колената. Не можам да летам со обична класа. Друг ваков момент беше кога отидоа на роуд шоу во Дубаи. После тоа и во Јапонија, исто така цела владина делегација, десетина луѓе и ништо не направија таму, никакви инвестиции. Сето тоа го скрија под тепих. Колку државни пари се потрошија на тоа и никаква одговорност,  ништо околу тоа. Сакам да кажам дека во тоа време кога се воведе воведе open finance, отворени финансии, јавноста и новинарите, медиумите пред сѐ, беа многу повеќе насочени кон тоа да ја држат владата одговорна и секојдневно, постојано, вадеа што сѐ што има за патните трошоци.

Сега кој збори за патни трошоци? Јас не сум видел некој. Значи не ги обвинувам новинарите. Меѓутоа медиумите мислам дека сега сe во голема мера под капа на власта. Како што беше во времето на Груевски. Во времето на Груевски тоа беше малце со сила.

Сега мислам дека контролата не е толку со сила, туку е малце повеќе со „не не критикувај, ќе добиеш некои државни средства од реклама од ова од она. Мислам дека медиумите во Македонија денеска се многу, многу повеќе провладини отколку пред неколку години.

Тоа всушност се гледа во официјални податоци. Земете ги оние извештаи за слобода на медиуми. Се гледа дека слободата на медиумите е драстично падната.

Овие алатки кои што постоја за транспарентност како Отворени финансии кои што беа направени со добра намера, постојат, ама не се користат и не го постигнуваат посакуваното, затоа што медиумите не сакаат тоа да го прават, не им одговара.

Наместо да се вложуваат во сиромаштија, во образование, здравство, култура, загадување, паркови, ние парите на граѓаните им ги даваме на странски банки како камата на јавниот долг.

Јас реков на почетокот на интервјуто дека ќе имаме повеќе прашања и дека ќе потрае, но мора да го привршуваме.

На крај не можеме да ги избегнеме странските инвестиции како дел од то го спомнувавме некаде во интервјуто како влијанија што доаѓаат од надвор, од глобалните процеси. Неколку фабрики се затворија. Има најава дека ќе се затворат уште неколку.

Дали треба да се менува стратегијата на владата во однос на инвестициите што доаѓаат од странство? Дали понатаму треба да остане овој модел на очекувања на странски инвестиции? Премиерот дури и најави ќе дојдат уште некои фабрики и така натаму. Треба ли нешто да се смени во денес?

Странски инвестиции веќе нема да има. Нема да има апсолутно во онаа мера како што имаше пред неколку години. И тоа не е само прашање за Македонија, туку тоа е глобален феномен, а поради глобалните тензии, царинските војни, трговската војна, геополитичка неизвесност, војни.

Не знаете Иран каде ќе нападне, не знаете Америка што ќе направи. Може ќе го земе Гренланд, можеби нема. Не знаете што ќе се случи со Кина. Многу такви проблеми, а поради тоа странските фирми се воздржуваат од инвестирање и тоа е глобален проблем.

Тоа се гледа секаде во регионот на Европа, во Југоисточна Европа и тоа апсолутно треба на сите да ни биде јасно. Странски инвестиции веќе нема да има, барем не во онаа мера како што имало претходните години. Во оваа година, во првиот квартал, странските инвестиции во Македонија се околу двесте милиони евра.

Тоа ако го пресликате за цела година, веројатно нема да бидат ни толку во остатокот, но ако бидат толку, тоа ќе значи странски инвестиции од околу четири отсто од БДП, што е малце, што е ништо, што е недоволно. Македонија никогаш, реални да бидеме, не била многу добра во привлекување на странски инвестиции.

Сите земји во регионот, повеќето можеби не сите, но повеќето, биле многу подобри. Македонија во просек изминатите десет, петнаесет, дваесет години, има околу три отсто од БДП од странски инвестиции секоја година. Србија на пример има шест до седум. Албанија има уште повеќе седум, осум. Црна Гора уште повеќе поради туризмот.

Косово исто има повеќе. Единствено Босна во нашиот регион има помалку странски инвестиции од Македонија и тоа е структурно прашање. Македонија никогаш не била атрактивна земја за привлекување странски инвестиции затоа што нема што да понуди повеќе на пример од Србија.

Србија има подобро образование, поблиску е од Европската унија, има подобри патишта.  Мицкоски може да се фали колку сака со патишта, дека гради или не знам што. Србија има подобри патишта, подобра инфраструктура, така што ние не сме можеле со нив никогаш да се напреваруваме.

Но, сакам да кажам дека и тоа малце што сме го имале изминатите години сега ќе го имаме уште помалку поради глобалните тензии и глобалните случувања и затоа мора да се менува моделот.

Странски инвестиции веќе нема да има.

Кој би бил новиот модел?

Јас секогаш сум бил критичен кон странските инвестиции. Не во смисла дека не ги сакам странските компании и викам дека странските компании се лоши или нешто слично, туку домашните политичари сум ги критикувал затоа што го потпирале развојот на државата само на странски инвестиции. Не може една држава да се развива само со привлекување на странски инвестиции.

Тоа е како да сакате да имате столче или маса која што ќе стои само на една ногарка. Не може да стои, ќе падне. Знаеме од физиката, од законите на природата дека за да нешто биде стабилно се потребни барем три ногарки. Најстабилно е кога има три ногарки. Нормално, ако има четири, пет, пак ќе стои.

Може ќе се клацка малце, ама пак ќе стои, но ви требаат барем три столба за да имате некој раст. Странските инвестиции може да бидат еден од столбовите, една од ногарките, но ви требаат други. Другите два столба на раст според мене треба да бидат јавните инвестиции, односно во инфраструктура, во болници, во сè тоа што зборевме и третиот столб мора да бидат приватните, домашните инвестиции, домашните приватни инвестиции.

Тоа значи домашни, да поддржувате домашни претпријатија, да имате иновациска политика, индустриска политика со која што ќе поддржувате домашни фирми.

Дали тоа би биле мерките што вие би ги презеле доколку бидете министер за финансии или премиер?

Дефинитивно, со тоа што тоа не е само Министерството за финансии, тоа е цела економска политика. Но една ако можам да издвојам е политиката на даночење на богатите и редистрибуција и повеќе за сиромашните. Апсолутно тоа сè стои. А меѓутоа, бидејќи тоа стално го кажувам, сега ќе кажам, ќе извлечам една мерка за која што не се зборува доволно во Македонија, па ни јас не сум зборувал доволно, а тоа е индустриска политика.

Индустриска политика значи државата решава кои сектори ќе бидат двигател на раст во иднината и ги поддржува тие сектори со секакви мерки, какви што знае и умее. Ние имавме индустриска политика во СФРЈ, во социјализмот, во смисла дека кажувавме Прилеп има тутун, ќе биде тутунска индустрија.

Куманово ќе развива фабрика за заварени цевки. Тетово има волна, овци, ќе развиеме текстилна индустрија. Штип, многу жени за текстилна индустрија. Тоа е на некој начин индустриска политика.

Меѓутоа тоа беше застарена индустриска политика. Во денешно време индустриска политика не се води на тој начин. Меѓутоа, она што е заедничко е дека државата ја поддржува економијата активно. Кажува, на пример, за Македонија што конкретно би значело индустриска политика во денешно време. Кина се смета за најдобар пример за индустриска политика моментално, а пред Кина тоа што Кина го прави сега, го правеа претходно Кореја, па претходно Јапонија.

На Македонија ѝ треба автентична индустриска политика.

Како Кина стана лидер во светот во електрични автомобили? Затоа што пред десет години во 2015 година донесе државна стратегија Made in China 2025 со која што кажа ќе го замениме имиџот на државата на Кина од ефтина во квалитетна и наместо да произведуваме само пластични и евтини производи од Alibaba, од AliExpress, а ќе произведуваме квалитетни производи и тоа беше државна стратегија. Вложија двесте милијарди евра долари во автомобилската индустрија, во електрични автомобили и станаа лидер во светот. Тоа претходно го правеше и Кореја со Samsung, со Kia, со сите овие други. Претходно Јапонија со Sony со Mitsubishi. Такво нешто ни треба и на нас. Да избереме кои сектори ќе го носат развојот во Македонија и да ги поддржуваме тие сектори. На пример енергетика.

Според мене енергетиката може да биде еден, мора да биде не може, но може да биде еден од главните сектори двигатели на раст и на Македонија и генерално во регионот. Затоа што ние, и тоа е една практично неверојатна иронија. Имаме толку сонце. Ние сме една од двете земји во светот, ако не се лажам, што има сонце на своето знаме.

Се фалиме колку е сончево, а увезуваме струја. Триесет посто од струјата која што ја трошиме ние секоја година е од увоз и така е триесет години наназад, а имаме толку неискористено сонце. Викаме нели земјоделска земја, а не сме земјоделска земја, ама имаме многу земјоделска површина.

Зошто таа површина што не се користи сега за земјоделие да не се искористи за соларни централи или за нешто такво? Можеме да инвестираме многу во енергетика. Енергетиката  енергијата ќе стануваат сѐ позначајна во иднината. Mоже не цел развој, ама голем дел од развојот на вашата држава да го засновате на тоа.

Сега се зборува и за дата центри ќе се отвараат во Македонија. Ќе се отвараат…

а немаме струја.

Нема, увезуваме струја, а сакаме дата центри да развиваме. Сакам да илустрирам што значи индустриска политика. Ние одлучуваме како држава. Енергетиката ќе биде еден од двигателите на растот на економскиот раст и вложуваме како држава.

Го градиме Чебрен, го градиме Галиште, градиме соларни централи, градиме мрежа за транспортирање, далеководи и се трансформатори. Сѐ што е потребно.Тоа се големи инвестиции од стотици милиони евра годишно, ама тоа може да се направи и кога ќе го направите тоа таа струја ќе ви значи многу пари, ќе можете извезувате, ќе можете да правите пари од тоа.

Тоа значи тоа дека државата мора активно да се вклучи во економијата, да каже развојот ќе го засновиме на овие работи преку овие мерки.

Во таа насока може ли да значи некаква промена тоа што ние заостануваме во прифаќањето во добивањето на европските пари?

За Романија стигнав до таков податок дека од времето кога станала членка на Европската унија до денeс 60 милијарди добиле пари од ЕУ, Бугарија некои триесетина, а Хрватска петнаесет милијарди беше последниот податок.

Тоа се сериозни пари кои многу може да помогнат во државата. Зошто тука заостануваме во тоа?

Апсолутно се согласувам. Многу пари можеме ние да земаме од ЕУ. Дури и сега кога не сме членка ние на Европската унија, ние имаме пари кои што можеме да ги зимаме, а не ги земаме.

Оној Планот за раст за Западен Балкан што се донесе пред некоја година. Македонија од тој план за раст има лоцирано седумсто и педесет милиони евра и тоа се бесповратни средства. Европската унија ви дава седумсто и педесет милиони евра да ги инвестирате во што планот во којшто треба да се инвестира. Ние досега имаме земено само сто и нешто милиони од тие 750 милиони, а скоро помина времето. Тоа е до крајот на ‘27 година. Значи уште година и пол имаме за да ги користиме тие средства нема да се искористат. Ќе останат неискористени околу шесто милиони евра.

Оваа власт апсолутно нема никаков интерес да направи било што во насока на приклучување на ЕУ.

Зборуваме за Чебрен и Галиште кои што според некои проценки чинат можеби милијарда. Зборуваме за не знам канализација во село и друго. Имаме 600 милиони евра кои што од Европската унија чекаат да ги земеме, а ние не ги зимаме затоа што реформите што сме сами сме ги прифатиле да ги направиме не ги имплементираме, а тоа не го правиме затоа што оваа власт апсолутно нема никаков интерес да направи било што во насока на приклучување на Европската унија.

Само да појасниме, тие пари не зависат од преговорите од ситуацијата со Бугарија. Тие лежат таму и можат во секој момент да ни бидат достапни согласно реформите.  

Бугарија нема никаква врска со тоа. Тие пари апсолутно не зависат ниту од Бугарија, ниту од фон дер Лајен, ниту од било кој во Европската унија. Моментално тука нема политички критериуми. Има документ кој што вика овие сто реформскии мерки треба да ги донесете и тие мерки се во смисла ќе отвориме толку нови училишта, ќе зголемиме број на студенти, средношколци кои што учат во техничките училишта ќе го зголемиме за толку и толку, ќе вработиме толку повеќе жени. Ќе направиме такви програми за помагање на жените на сиромашијата. Тоа се конкретни мерки. Голем дел од нив се ситни мерки, не се нешто крупни. Меѓутоа никаква политика тука нема. Ама оваа влада не сака ни тоа да го направи, затоа што толку им е ставено на страна Европската унија и сѐ што е поврзано со тоа и цело време ја користат ЕУ практично како оправдување за своите политики.

ЕУ е жртвено јагне. Виновна е за сè. Нешто не ви чини во државата, Европската унија крива. Имате криза што и да е – Ние не се даваме. Не им се продаваме на Бугарите. Ние сме за ЕУ, ама не по цена на продавање на достоинството, што практично значи не правиме ништо и цената на таквата политика на оваа влада, која што скроз е незаинтересирана за ЕУ се тие шесто милиони евра кои што во моментот ги губиме.

Можеби нешто ќе се земе до крај, ама сигурно нема да ги земеме сите. Е тоа е, тоа е цената на тоа. Тие пари може да се вложат во сите оние работи кои што му значат на обичниот човек, ама ништо не се случува. Јас не сум ЕУ фетишист. Јас не сум некој што некритично збори за ЕУ. ЕУ треба да се критикува апсолутно.

Меѓутоа за тој план за раст апсолутно немате простор за такво нешто. Ова значи направете сменете тие закони, направете ги тие реформи, земете ги тие 750 милиони евра. Владата тоа не сака да го направи чисто од дневно-политички причини, за да може да ја критикува Европската унија, да тврди како Европската унија е виновна заедно со претходната власт за сите проблеми што ние денеска ги имаме.

Бранимир благодарам многу за овој разговор.

И јас на вас.

Со нетрпение ќе ја очекувам и следната приказна.

Се извинувам ако бевме пред долги.

Не, не одлично беше…

Ама кога зборуваме за интересни теми….

Да, да, има публиката што да слушне.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?