Лина Ѓорческа напиша историја: Влезе меѓу најголемите што ќе играат на Вимблдон

Лина

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа успеа да се пласира на главниот турнир на Вимблдон, како прва македонска тенисерка во поединечна конкуренција (ова важи и за мажите бидејќи Александар Китинов има настапи, но во игра на двојки).

Ѓорческа во третото коло од квалификациите – финалето ја победи Лусија Бронцети од Италија со 2:0 во сетови (61 62) за 73 минути игра. Ѓорческа во квалификациите постигна три победи, а претходно ги совлада Анхела Фита Болуда (Шпанија) и Франциска Жорге (Португалија). Денешната ривалка беше 20-та носителка во квалификации и 127. ма рангирана тенисерка.

Првиот сет и припадна убедливо на Ѓорческа со 6:1 во гемови, иако противничката го освои првиот гем со брејк, но потоа следуваше серија од шест гема за македонската тенисерка и сетот го доби за 31 минута.

Инаку мечот беше префрлен на теренот број 18, откако претходно на теренот број 10 каде што требаше да играат мечот во машка конкуренција траеше 4 часа и 46 минути и се играше во пет сета.

На стартот од вториот сет по водството на Бронцети од 1:0, во 2-иот гем Ѓорческа спаси осум брејк топки и по 20 одиграни поени изедначи на 1:1 во гемови, а потоа веднаш направи брејк за водство од 2:1 и предноста ја зголеми на 3:1. Во следните два гема немаше брејк и Ѓорческа ја задржа предноста од два гема – 4:2. Македонската тенисерка во седмиот гем направи уште еден брејк за водство од 5:2. Во следниот гем на свој сервис Ѓорческа само ја потврди победата и пласманот на Вимблдон.

Извлекувањето за главниот турнир ќе се одржи утре (петок).

Статистички Ѓорческа имаше 9 аса, ривалката 3, на мрежа нашата тенисерка освои 8 од 10 поени, притоа имаше 5 брејка од 9 можности и успеа да спаси дури 13 брејк топки во мечот. Во вкупниот број поени скорот беше 65:42 за Ѓорческа.

Најчитано