Во втората половина на 60-тите години на минатиот век, падот на цврстата рака на УДБ-а била неповторлива можност да се „згази“ многу подлабоко во националната програма за политичка и национална еманципација на македонскиот народ. Тогашното раководство немало дилема и без калкулации влегува во овој процес и во само една година буквално ја „зграпчува денот“.
Проф. д-р Александар СПАСОВ*
Во популарната култура честопати се цитира една мисла што му се припишува на водачот на Октомвриската револуција од 1917-та Владимир Илич-Ленин дека „има децении во кои ништо не се случува, и недели во кои се случуваат децении“. Фактите зборуваат дека не постои ниту еден релевантен извор (на пример, некој пишан доказ) дека Ленин навистина ја дал оваа изјава. Но, тоа што не сме сигурни од каде точно потекнуваа оваа славна и често цитирана констатација нималку не ја намалува нејзината вредност.
Имено, во политичката историја навистина постојат кратки временски отсечки кога се испишува историја. Се реализираат идеи, програми и тежненија за кои цели народи воделе вековни борби за реализација. Накратко, се реализираат сништата на повеќе генерации.
Токму таква година за Македонците е 1967-та. За жал, кај нас многу малку, освен, можеби, кај постарите генерации, оваа година е врежана во свеста како пресвртна година за Македонците. Година во која проектот за политичка еманципација на македонскиот народ и негова трансформација во државотворна политичка нација доживува една од своите точки на кулминација. Следната таква прилика ќе биде независноста од 1991 година.
Но, зошто толкав акцент на таа 1967-та година?
Затоа што токму во таа единствена година Македонија и Македонците како дел од федеративна Југославија ги добиваат едни од своите најзначајни национални институции и добиваат, за тоа време, неверојатна шанса да зборуваат и преговараат самите за себе. Односно интересот на Македонците кон надворешниот свет да биде претставуван и од Скопје, покрај сојузните институции во Белград.
Во мај таа година, Крсте Црвенковски и во својство на републички партиски функционер (претседател на Претседателството на ЦК на тогашната единствена партија Сојузот на комунистите на Македонија – СКМ) и во својство на сојузен партиски функционер (член на Претседателството на ЦК на Сојузот на комунистите на Југославија – СКЈ) предводи партиска делегација во Софија на разговори со тогашниот генерален секретар на Бугарската комунистичка партија Тодор Живков и нивната државно-партиска делегација.

Темата веќе се насетува: југословенско-бугарските односно македонско-бугарските односи во светло на т.н. македонско прашање. Резултатот од тие разговори се конечното формулирање на бугарските ставови за македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската култура. Тие ставови без идеолошкиот елемент во духот на тогашната владејачка идеологија во голема мера се присутни и во современоста. Но, целта на овој текст не е да расправа околу бугарските ставови. Важноста е токму дека, за прв пат, во современата историја Македонците добиваат шанса самите да зборуваат за себе во односите со надворешниот свет. Како државотворен народ и носител на државен суверенитет. И тие ставови да бидат не само ставови на локалната партиска структура во Скопје или само на Македонија како федерална единица во Југославија туку да зборуваат во името на сојузната држава.
На внатрешен план, на почетокот на таа година во февруари, во куќата на Уранија во Охрид се основа Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) како највисока научна и уметничка установа во Републиката со задача да го поттикнува развојот на науките и уметностите. За нејзин прв претседател е избран Блаже Конески. Покрај Универзитетот во Скопје, основањето на МАНУ претставува заокружување на процесот на културна еманципација на Македонците како народ кој создава наука и уметност односно цивилизација.

Во јули 1967 година повторно во древниот Охрид е обновена автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Противканонски укинатата Охридска архиепископија е обновена како резултат на желбата на Македонците за верска и национална еманципација. Не навлегувајќи во приговорите во однос на канонската оправданост на одлуката на Црковно-народниот собор тој јули 1967 година од секуларен аспект на овој чин можеме да гледаме како уште еден чекор кон националната еманципација и трансформација од етничка група кон државотворен народ.

Конечно, во декември 1967 година е основан Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура со основна задача да ја афирмира македонистиката и да ги координира високообразовните и научните достигнувања од областа на македонистиката во земјата и странство. Благодарение на семинарот македонистиката од поле на интерес на мал број на слависти-ентузијасти станува поле на интерес на голем број на слависти како од словенските земји, така и од големите славистички центри во западниот свет. За прв директор на Меѓународниот семинар е именуван мојот дедо, академик Александар Спасов.

Судирот на централистите и либералите отвори „прозорец за Македонците“
Важното прашање што се поставува е зошто токму таа 1967-та година? Односно, подобро речено, што претходеше за сонот да стане стварност?
Одговорот на овие прашања е комплексен. Просторот во еден краток есеј не дозволува детално да се опишат историските збиднувања пред оваа година и последиците од нив што го овозможија овој скок во националната еманципација на Македонците.
Накратко, одговорот на овие прашања треба да го бараме во судирот на двете струи на југословенската политика. Едната струја ја претставуваат т.н. централисти предводени од семоќниот потпретседател на Републиката и фактички шеф на југословенската цивилна тајна служба односно политичка полиција „УДБ-а“ Александар Ранковиќ кои се залагаат за т.н. цврста федерација односно се противат на секое позначајно префрлање на надлежноста од централната власт кон републиките или „конфедерирање на федерацијата“.
Другата струја ја предводи Едвард Кардељ, творецот на уникатниот југословенски модел на работничко самоуправување и политичкиот модел на делегатски систем, со сосема спротивни ставови од првата струја.

Во средина на овој спор што започнува уште кон крајот на педесеттите години на 20 в. е југословенскиот претседател и маршал Јосип Броз-Тито. Спорот се разгорува на еден од пленумите на СКЈ во 1961 година после кој Тито го одржува познатиот говор на „ривата“ односно кејот во Сплит со кој фактички застанува на страната на Ранковиќ. Компромисот е најден во Сојузниот устав од 1963 година што освен што ја преименува државата од Федеративна Народна Република Југославија (ФНРЈ) во Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ) воспоставува времен баланс во аспирациите на двете спротивставени струи.
Кулминацијата на судирот се случува со аферата „прислушување“ во пролетта 1966 година за која главнообвинет е Ранковиќ и неговата струја во тајната служба. Оваа афера има своја партиска позадина (судирот Кардељ против Ранковиќ), државна (Државната комисија за утврдување на злоупотребите на УДБ-а предводена од Крсте Црвенковски) и безбедносна (судир меѓу цивилната служба УДБ-а, под контрола на Ранковиќ и воената служба КОС, по директна контрола на Тито преку генералот Мишковиќ-Брк). Колку од обвинувањата дека Ранковиќ без знаење на Тито инсталирал прислушни уреди во резиденциите на повеќе југословенски партиски и државни раководители вклучувајќи ја и Титовата резиденција на „Ужичка“ 15 на Дедиње во Белград (од која приказна најбизарен детал е дека наводно имало прислушни уреди и во спалната соба на Титовата сопруга Јованка) е помалку важно. Важни се политичките последици, а тоа е познатиот Брионски пленум во јули 1966 година на кој Ранковиќ е целосно поразен и принуден да се повлече од сите партиски и државни позиции.
Дополнително, фактот дека Сојузната комисија е раководена од Македонец, Крсте Црвенковски, а не од Хрват или Словенец, е прагматичен потег на Тито кој многу придонесува за зголемено влијание на тогашното македонско раководство на сојузно ниво.
Оваа победа на „автономистите“ отвора огромна политичка шанса за повеќето југословенски републики. Како што би рекле денешните европолитичари од Брисел „се отвора прозорец на можности“. Падот на цврстата рака на УДБ-а била неповторлива можност да се „згази“ многу подлабоко во националната програма за политичка и национална еманципација на македонскиот народ. Тогашното раководство немало дилема и без калкулации влегува во овој процес и во само една година буквално го „зграпчува денот“.
Директна последица од тие храбри потези во далечната 1967 е современата независна македонска држава. Историјата е учителка на животот. Дали ние современите Македонци ја сфативме поуката од оваа максима?
*Проф. д-р Александар Љ. Спасов, е редовен професор на Правниот факултет на УКИМ Скопје, на Институт за правно политички науки.
