Германија бара начин за поевтина струја, може да ги активира електраните на јаглен

Германија гледа кон јагленот како можен начин да ги намали високите берзански цени на струјата и да заштеди гас пред зимата. Сојузното министерство за економија и енергетика потврди дека разгледува поинтензивно користење на старите термоелектрани што во моментов се чуваат во резерва, но одлука за нивно редовно активирање сè уште нема.

Предлогот го отвори заменик претседателот на пратеничката група на ЦДУ и ЦСУ, Зеп Милер. Тој побара резервните термоелектрани да не работат само кога нема доволно струја од ветерот и сонцето, туку постојано да произведуваат електрична енергија.

Милер тврди дека таквиот потег би ја намалил употребата на скапиот гас, би помогнал во полнењето на складиштата пред зимата и би ѝ заштедил на германската економија стотици милиони евра годишно. Според неговиот предлог, јагленовите капацитети би работеле до изградбата на нови гасни електрани, што се очекува околу 2030 или 2031 година.

Министерството, сепак, ги намали очекувањата за брзо враќање на јагленот. Оттаму посочија дека резервните електрани претежно се стари и неефикасни, а нивното активирање отвора технички, економски и правни прашања поврзани со правилата на Европската Унија. Не е потврдено ниту дека нивната работа би предизвикала значително намалување на цените.

Пресметка на енергетската аналитичка компанија „Монтел“ покажува дека активирањето на резервните термоелектрани би можело да ја намали просечната берзанска цена на струјата за околу 2,3 отсто до крајот на 2026 година. Во 2027 година намалувањето би можело да достигне речиси пет отсто.

Климатската сметка би била поголема. Истата анализа проценува дека емисиите од германското производство на електрична енергија би пораснале за околу 10 отсто. Тоа значи дека загадувањето би се зголемило неколкукратно повеќе од очекуваниот процент на намалување на берзанската цена.

Поевтинувањето на берзата не би значело автоматски исто толкаво намалување на сметките за домаќинствата. Крајната цена што ја плаќаат потрошувачите ги вклучува и мрежните трошоци, даноците, давачките и трошоците на снабдувачите.

Предлогот на Милер наиде на противење кај коалициската Социјалдемократска партија. Владиниот портпарол Штефан Корнелиус изјави дека активирањето на резервните електрани во моментов не е непосредно прашање, додека канцеларот Фридрих Мерц порача дека Германија останува посветена на напуштањето на јагленот најдоцна до 2038 година.

Сојузната мрежна агенција на 1 септември соопшти дека годинава не се потребни дополнителни забрани за производство на струја од јаглен, бидејќи од пазарот веќе се повлечени доволно капацитети за да се исполнат законските цели предвидени за 2029 година. Електраните што се неопходни за стабилноста на мрежата може да останат во резерва и да се активираат во критични периоди.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?