Мицкоски и Ѓорѓиевски купија билети, ПР драмата го „крсти“ градскиот воз до Зелениково

Градскиот воз до Зелениково доби владино „крштевање“ денеска, 2 септември, кога премиерот Христијан Мицкоски и скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски купија билети пред камерите, а потоа со министерот за транспорт Александар Николоски и со други функционери се повезоа меѓу Зелениково и Скопје. Политичката промоција се одржа еден ден откако линијата веќе почна да сообраќа според редовниот возен ред.

Билетите што ги купија Мицкоски и Ѓорѓиевски имаа повеќе симболична отколку превозна улога. Првото официјално патување беше организирано како медиумски настан, со владини претставници, градоначалници, директори на железничките претпријатија и новинарски екипи.

Мицкоски оцени дека условите во кои патувале биле „европски“ и дека проектот претставува чекор кон подобар јавен превоз, помало загадување и повисок квалитет на живот. Николоски, пак, го претстави возот како враќање во живот на железничкиот превоз и ги повика граѓаните, особено учениците, студентите и вработените, редовно да го користат.

Зад ПР драматургијата стои реконструирана железничка делница долга околу 24,5 километри, во која се инвестирани 5,7 милиони евра. Старите дрвени прагови, од кои дел потекнувале од 1959 година, биле заменети со бетонски, а на реконструираната пруга возовите сега можат да развиваат брзина од 80 до 90 километри на час.

Патувањето меѓу Зелениково и Новата железничка станица во Скопје трае од 24 до 28 минути. Еднонасочниот билет чини 40 денари, повратниот 70 денари, а месечната карта 1.040 денари.

Линијата има осум поаѓања дневно во секој правец. Иако тоа отвора побрза можност за патување од Зелениково, Орешани, Драчево и Лисиче, меѓу некои поаѓања има паузи подолги од три часа. Токму редовноста, пополнетоста и практичноста на распоредот ќе покажат дали промовираниот проект ќе функционира како секојдневен градски превоз.

Возниот ред е временски усогласен со поаѓањата на автобусите на ЈСП, но билетот за возот се купува одделно како железнички превозен документ. Другите две планирани линии, кон Ѓорче Петров и кон Илинден, сè уште се во фаза на проектирање.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?