Невремиња низ Македонија вечерва носат пороен дожд, електрични празнења, засилен ветер и град, а УХМР предупреди дека нестабилните облачни маси се движат од запад кон исток. Најсилното невреме е регистрирано во Кавадарци и се движи кон Неготино.
Во текот на попладнето и вечерта поинтензивни процеси беа забележани во Македонски Брод, Гостивар, Дебар, северно од Кичево и западно од Велес.
Според последните информации, нестабилност со пороен дожд, ветер и грмежи има и во Кочани, Кичево, Свети Николе, Велес и Кавадарци, како и во подрачјата западно од Демир Хисар и Македонски Брод.
УХМР предупредува дека локално процесите можат брзо да се засилат и да донесат интензивен дожд за кратко време, силни удари на ветер и појава на град. Постои можност пороен дожд да зафати и делови од јужниот дел на Скопската Котлина.
Граѓаните во погодените подрачја треба да избегнуваат движење на отворено за време на електричните празнења, да не се засолнуваат под дрвја и да внимаваат на можни наноси од вода на улиците и патиштата.

