Зад случајот „Талевски и други“ во Стразбур: Како падна аболицијата на Иванов

Стразбур

Оваа одлука на судот во Стразбур, практично, целосно се совпаѓа со тезата со која Владата на Северна Македонија во 2020 година ја конципираше одбраната дека аболицијата на Иванов е ништовна затоа што неговата одлука има(ше) елементи на амнестија, што е надлежност на Собранието на републиката, а не на шефот на државата.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Одлуката на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур во случајот „Талевски и други“, потврди дека помилувањето, односно аболицијата на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, била донесена без валидна правна основа и спротивно на владеењето на правото и дека лицата на кои се однесува имунитетот треба(ло) да бидат изведени пред лицето на правдата.

Оваа одлука на судот во Стразбур, практично, целосно се совпаѓа со тезата со која Владата на Северна Македонија во 2020 година ја конципираше одбраната дека аболицијата на Иванов е ништовна затоа што неговата одлука има(ше) елементи на амнестија, што е надлежност на Собранието на републиката, а не на шефот на државата.

За да биде веднаш појасно, претседателот може да аболицира лице или лица опфатени во еден заеднички предмет, додека само Собранието може да донесе акт амннестија кој може да опфати повеќе лица во неповрзани, одделни предмети.

Поточно, Иванов во 2016 година донесе одлуки за аболиција кои опфатија 56 лица, а дел од нив беа помилувани повеќепати за различни потенцијални кривични дела и различни истражни постапки. Некои биле опфатени со повеќе предмети на СЈО, а кај дел од нив во тој момент сè уште немало ниту формално обвинение.

Токму затоа дел од правната јавност тврдеше дека по формата тоа е помилување, но по ефектот тоа е колективна амнестија.

Оваа теза тогаш ја афирмираше поранешната министерка за правда и професор по уставно право Рената Дескоска, која оценува дека претседателската надлежност била злоупотребена и дека биле создадени ефекти кои суштински излегуваат надвор од класичниот институт на помилувањето, односно аболицијата.

*Дали ова беше дел од стратегијата на Владата во Стразбур?*

Тука работите стануваат особено интересни.

Од она што е јавно достапно од одлуката во предметот Taleski and Others, Владата главно ја бранеше тезата дека, аболицијата била повлечена во согласност со домашното право, но дека жалителите не ги исцрпиле домашните правни средства и дека домашните судови сè уште можеле да се произнесуваат за ефектите од помилувањето.

Но во правните анализи што се појавуваа во тој период, особено околу ангажманот на меѓународните правни тимови, постоеше поширока аргументациска рамка: *дека Иванов не употребил класична претседателска дискреција за поединечни случаи, туку создал механизам за колективно запирање на кривичното гонење на голем број лица поврзани со политичката криза.*

Тоа е суштински аргумент близок до концептот на амнестија.

Дистинкција меѓу аболиција и амнестија

За да го докаже тоа успешно во Стразбур, во 2020 година Владата донесе одлука за ангажирање на меѓународна адвокатска помош за предметите поврзани со аболицијата и постапките во Стразбур. Во тогашните медиумски извештаи се споменуваше ангажман на канцеларијата White & Case од Брисел како дел од правниот тим што требаше да ја подготвува одбраната на државата.

Во конечната одлука на ЕСЧП од 2023 година White & Case не се појавува како процесен застапник пред Судот. Наместо тоа, како правни советници на Владата се наведени адвокатите од Blackstone Chambers.

Кога велиме конечна одлука, треба да се збае дека она што вчера дојде од Стразбур беше одлука по жалбената постапка на „Талески и други“, која само ја потврди одлуката од 2023 година.

За да биде најпрецизно, и со решението на Стразбур по жалбата, иако формално стануваше збор за претседателски аболиции, нивниот опфат и ефект беа толку широки што дел од уставноправната теорија оцени дека тие фактички произведувале последици слични на амнестија – институт што според Уставот е во надлежност на Собранието, а не на претседателот.

Оттаму, случајот „Талевски и други“ во Стразбур, всушност, не беше само спор околу тоа дали претседателот смеел да ги повлече аболициите.

Во позадина стоеше уште подлабоко прашање: *дали претседателот во 2016 година ја користеше уставната институција на помилување за да постигне ефект што во демократските системи обично се постигнува само со закон за амнестија донесен од парламентот.*

Токму тука е можеби најсилниот политичко-правен аргумент за разбирање на целиот случај, а не во поедноставената дилема дали „Стразбур ја врати“ или „не ја врати“ аболицијата.

ВМРО-ДПМНЕ Рамнодушна

Но, целиот овој случај има уште еден многу интересен аспект: Однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ тогаш, во 2016 и во годините што следуваа кога „Талески и други“ го поднесоа предметот во Стразбур и рамнодушноста на партијата денес.

По смената на власта во 2024 година се очекуваше дека и новата власт (ВМРО-ДПМНЕ) во име на државата ќе ја „омекне“ својата одбрана во Судот за човекови права во Стразбур, каде што правдата ја бараа некогашни функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Но, како што дознаваме, ситуацијата воопшто не се променила, а тоа може да се заклучи и од самиот исход на случајот „Талески и други“. Односно, во застапувањето на позициите на државата немало промени и тие останале докрај такви какви што беа утврдени во стратегијата за одбрана што ја зазеде Владата на СДСМ во 2020 година. Дека аболицијата на Иванов е ништовна и дека лицата на кои се однесува имунитетот треба(ло) да бидат изведени пред лицето на правдата.

Затоа во јавноста владата и ВМРО-ДПМНЕ максимално „ладно“ ја третираа веста што дојде од Стразбур по принципот „не таласај“.

Најчитано