Министрите за внатрешни работи на Македонија и Албанија Панче Тошковски и Бесфорт Љамалари во Пешкопеја, Албанија потпишаа Договор за воспоставување заеднички гранични премини и спроведување заеднички гранични контроли меѓу двете држави.
Со овој договор се воспоставува современа и функционална рамка за поефикасно управување со заедничката граница, со цел олеснување на движењето на луѓе и стоки, унапредување на безбедноста и намалување на времето на чекање на граничните премини.
Договорот предвидува формализирана институционална соработка, фазна имплементација преку протоколи приспособени на секоја локација, како и зајакнати механизми за координација и размена на информации меѓу надлежните служби.
Во своето обраќање, министерот Тошковски истакна дека договорот претставува значаен чекор кон поефикасно, побезбедно и попредвидливо управување со границата, со директни придобивки за граѓаните, стопанството и институциите.
Тој нагласи дека заедничките гранични процедури не само што го олеснуваат протокот, туку и ја зајакнуваат способноста на двете држави за справување со прекуграничен криминал, трговија со луѓе и други безбедносни ризици, преку координирано постапување и размена на информации.
Посебно беше истакнато дека имплементацијата ќе се одвива постепено и контролирано, со цел секој заеднички граничен премин да биде целосно оперативно и правно подготвен пред стапување во примена.
Министерот Тошковски упати благодарност до експертските тимови, правните советници, полициските службеници и сите институции од двете земји кои учествуваа во подготовката на договорот, нагласувајќи дека нивната работа е клучна за постигнатиот резултат.
