Албанскиот премиер Еди Рама ги отфрли обвинувањата што веќе неколку недели одекнуваат од масовните протести во Тирана, оценувајќи дека нема никакви докази оти тој е дел од систем на корупција или организиран криминал.
Во реакцијата Рама порача дека не е негова обврска да докажува невиност, туку дека оние кои го обвинуваат треба да понудат докази.
„Не сум кум на корупцијата. Ако некој тврди дека сум, нека го докаже тоа“, е суштината на пораката што албанскиот премиер ја испрати како одговор на протестните барања за негова оставка.
Рама истовремено ја бранеше контроверзната инвестиција на албанското крајбрежје, поврзана со компании зад кои стои семејството на Џаред Кушнер, оценувајќи дека станува збор за легитимен странски капитал кој може значително да придонесе за економскиот развој на Албанија. Тој нагласи дека истрагите за перење пари и организиран криминал се насочени кон поединци и не значат дека самата инвестиција е незаконска.
Премиерот, исто така, ги отфрли тврдењата дека албанската економија се темели на перење пари, признавајќи дека таков проблем постои, но оценувајќи дека тој не е доминантен и дека институциите денес се поефикасни во борбата против корупцијата отколку во минатото.
Според Рама, дел од кампањата против проектот има и политичка позадина, а големото меѓународно внимание го поврза со фактот што во инвестицијата се вклучени американски инвеститори поврзани со семејството на американскиот претседател.
„И, уште еднаш, ова се инквизиторски обвиненија што го упатуваат против мене секакви ликови“, нагласи тој.
Во меѓувреме, протестите во Тирана продолжуваат, а демонстрантите бараат оставка од Рама, поголема транспарентност за проектот и целосно запирање на изградбата, тврдејќи дека станува збор за симбол на корупција, злоупотреба на јавниот интерес и уништување на заштитено природно подрачје.
