Смртта на македонската музичка легенда Владо Јаневски предизвика бран од емоции на социјалните мрежи. Музичари, актери, јавни личности и долгогодишни пријатели во текот на ноќта и утрото се простуваат од човекот чии песни повеќе од три децении беа дел од колективната меморија на Македонија.
Меѓу најемотивните пораки е онаа на Калиопи, која се прости од својот долгогодишен пријател со зборови што ја расплакаа јавноста.
„Си замина тивко, без поздрав… Токму кога најдобрите се најпотребни, ти заминуваш… Ми беше другар, а јас твојата Каља, како што милуваше да ме викаш… Многу нешта споделивме во овој живот и во следниот повторно ќе се најдеме… НЕКОГАШ И НЕГДЕ…“
Каролина Гочева со огромна болка и тага се збогуваше од македонската музичка легенда Владо Јаневски.
Откако беше обелоденето дека 65-годишниот пејач починал по кратко боледување, Гочева се огласи со емотивно збогување со песната „Не заборавај да се сетиш на мене“:
Владе мој,
Збогум со мојата најомилена песна од тебе… и никогаш нема да заборавам… 🖤
„Замина Владо Јаневски, еден од најголемите македонски поети на 21 век. Неговите стихови и песни ќе живеат засекогаш. Вечна му слава“, напиша Слаткар, а потоа објавуваше стихови од песните на починатиот музичар.
Со потресна порака се огласи и Тијана Дапчевиќ, која со Владо Јаневски соработуваше и другаруваше со години.
„Другарче мое… мирно патувај кон вечноста… многу ќе ѝ недостасуваш на твоја ‘Тијанисимо’… ме искрши.“
Актерката Весна Петрушевска избра да се прости со цитат од Достоевски, додавајќи лична порака која сведочи за нивното пријателство.
„Знам дека го сакаше… не знам што да кажам… ќе фалиш…“
Социјалните мрежи ги преплави и објавата на Игор Џамбазов. Преку емотивна и кратка порака на социјалните мрежи, ја сподели тагата и болката по загубата на нашиот талентиран музичар.
Збогум Владо…
Понекогаш зборовите не се доволни.
А понекогаш се излишни.
Слава ти!
И ти благодарам за сè што направи…
Во изминатите часови десетици музичари, соработници и обожаватели објавуваат фотографии, видеа и спомени од заедничките настапи, потсетувајќи дека Владо Јаневски не беше само еден од најголемите македонски поп-пејачи, туку и автор чии песни станаа дел од животите на неколку генерации.
Неговото заминување остава празнина на домашната музичка сцена, но и богато наследство од безвременски хитови кои ќе продолжат да живеат. Токму затоа, пораките на неговите колеги не се само лични проштални зборови, туку сведоштво за почитта што ја уживаше меѓу оние кои најдобро го познаваа – како музичар, како колега и како човек.
