Од 3 до 5 јули 2026 година, Крушево повторно ќе пулсира во ритамот на авантурата. Највисокиот град на Балканот по четврти пат ќе биде домаќин на „When in Krusevo”, фестивал кој успешно ги спојува активниот туризам, природата, спортот, музиката, инклузивноста, културното наследство и локалната гастрономија во едно уникатно тридневно искуство.
Во организација на Еколошкото друштво АУТДОР МАНИФЕСТ – Крушево, фестивалот и оваа година носи богата програма наменета за сите генерации, од искусни авантуристи и рекреативци, до семејства со деца и посетители кои сакаат викенд исполнет со активности, добра музика и незаборавни погледи кон крушевската природа.
Фестивалот започнува во петок, 3 јули, со пристигнување и регистрација на учесниците, отворање на chillout зоната покрај Крушевското Езеро и вечерна музичка програма во Градскиот парк, каде ќе настапат HUGO, Влатко Гроздановски и SEMPRE.
Најдинамичниот фестивалски ден е сабота, 4 јули, кога посетителите ќе можат да избираат помеѓу планинарска тура, рекреативна велосипедска тура, крос-кантри велосипедска трка Oxygen, како и бројни outdoor активности на Станиќ. Адреналински парк, вештачка карпа, биатлон, кајак, SUP, јавање на коњи, изнајмување велосипеди и четириколки, јога покрај езерото и повеќе содржини за активен престој во природа. Денот ќе заврши со голема вечерна забава во Градскиот парк, каде ќе настапат TOTSILI, легендарната група АРЕА и The After.
Во недела, 5 јули, програмата продолжува со посета на музеите во Крушево, тандем параглајдинг летови од Мечкин Камен и релаксација во фестивалските chillout зони. Посебно место во програмата има инклузивниот и еко настан, кој преку детски игри, едукативни активности, саем на локална храна и пијалаци и заедничка еколошка акција испраќа силна порака за еднакви можности, општествена инклузија и грижа за животната средина.
Токму инклузивноста и екологијата се едни од клучните вредности на фестивалот. Организаторите и оваа година ставаат акцент на создавање настан кој е достапен за сите, кој ги поврзува луѓето преку заеднички активности и истовремено ја подига свеста за значењето на зачувувањето на природните богатства на Крушево. Преку едукативни содржини, еколошки акции и промоција на одржлив туризам, „When in Krusevo” покажува дека авантурата и грижата за природата одат рака под рака.
Изминатите изданија на фестивалот привлекоа илјадници посетители од Македонија и регионот, а организаторите очекуваат и годинава Крушево да биде препознаено како една од најатрактивните летни outdoor дестинации.
„When in Krusevo” не е само фестивал, тој е покана да се доживее Крушево од поинаква перспектива. Да се истражат планинските патеки, да се почувствува адреналинот на летот над градот, да се ужива во музиката под отворено небо и да се создадат спомени кои долго ќе се паметат.
Организаторите ги покануваат сите љубители на природата, спортот, авантурата и добрата музика да бидат дел од „When in Krusevo 2026″ и заедно да создадат уште едно незаборавно фестивалско издание во срцето на Крушево.
