Топлотниот бран е само „генерална проба“ за летата што доаѓаат, предупредува експертот Клуге

Европа

Топлотниот бран што моментално ја зафати Европа претставува само „генерална проба“, додека најлошото допрва претстои, предупреди регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клуге, цитиран од ДПА.

Клуге истакна дека летата во наредните години ќе станат сè потешки, нагласувајќи дека Европа се затоплува повеќе од двојно побрзо од глобалниот просек. Според него, топлотните бранови веќе не се изолирани појави, туку повторувачки климатски и здравствени кризи кои стануваат почести, поинтензивни и подолготрајни.

Тој предупреди дека секое лето во кое земјите не се подготвени за екстремните температури резултира со загуба на животи. Податоците што ги изнесе укажуваат на сериозен притисок врз здравствените системи низ Европа, со зголемен број итни интервенции и смртни случаи поврзани со високите температури.

Во Франција, повиците за итна медицинска помош се зголемиле и до 50 отсто во одредени градови, додека во Лондон е регистриран рекорден број итни повици поврзани со животозагрозувачки состојби во еден ден. Во Шпанија, системите за следење на смртноста регистрирале над 300 смртни случаи поврзани со жештините за само неколку дена, а Италија пријавила пет смртни случаи во рок од 24 часа.

И покрај алармантните податоци, Клуге нагласи дека превентивните мерки можат да дадат резултати. Тој наведе примери од европските градови каде се спроведуваат адаптивни политики за заштита на населението.

Барселона ја проширила мрежата на климатски засолништа во јавни простори како библиотеки, центри, паркови и аптеки. Париз активирал систем за следење на здравјето на ранливите категории и вовел ограничувања за продажба на алкохол, додека дел од регионите во Италија вовеле ограничувања за работа на отворено во најжешките часови и модели на доброволно отсуство за работниците.

Клуге упати повик за итно и посериозно делување, истакнувајќи дека повеќе од половина од европските држави сè уште немаат сеопфатни акциски планови за заштита од топлотни бранови. Според него, тоа мора да се промени доколку Европа сака да се справи со сè поекстремните климатски услови.

Најчитано