Додека температурите во земјава деновиве се искачуваат над 40 Целзиусови степени, најизложени на ризик остануваат градежните работници, доставувачите, комуналните работници, земјоделците и сите оние чии работни задачи не можат да се извршуваат во климатизирани простории.
Во такви услови, апелите за почитување на мерките за заштита од топлотниот бран добиваат особена тежина.
Како што објави Мета.мк, Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија (СГИП), го повика Државниот инспекторат за труд да спроведе засилени теренски контроли и да обезбеди доследно почитување на препораките за работа при екстремно високи температури.
„Инспекторите треба да излезат од канцелариите и да направат контроли на терен. Работниците не смеат да работат на отворено од 11 до 17 часот“, изјави Пешевски за Мета.мк.
Според него, ризикот не е теоретски, туку реален и директно влијае врз здравјето и безбедноста на работниците. Продолжената изложеност на високи температури може да предизвика топлотна исцрпеност, дехидратација, топлотен удар и сериозни кардиоваскуларни компликации, особено кај луѓето кои извршуваат физички тешка работа на отворено. Заштитата на безбедноста и здравјето при работа е законска обврска на работодавачите и предмет на надзор од Државниот инспекторат за труд.
Пешевски предупредува дека препораките на Владата нема да имаат ефект доколку не бидат проследени со ефективна инспекциска контрола.
„Не е доволно само да се донесат препораки. Некој треба да провери дали тие навистина се почитуваат“, посочува тој во изјавата за Мета.мк.
Во услови на екстремни горештини, здравствените власти редовно препорачуваат работните активности на отворено да се организираат во раните утрински или доцните попладневни часови, да се обезбеди доволно вода за пиење, паузи во сенка и соодветна заштитна опрема.
Раководителката на службара за итна медицинска помош, д-р Анита Димоска, за Мета вели дека изминатиот викенд имало 10 колапси на јавни места.
„За среќа повеќето беа краткотрајни колапси и пациентите беа на лице место средувани. Се работеше за возрасни лица, а колапсите беа предизвикани поради високите температури. Овие лица не смеат да излегуваат на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Најчесто им се случува пад на крвниот притисок, пад на нивото на шеќер во крвта или немање добра рехидрација. Се случува голем број од повозрасното население, да зема терапија за висок притисок, па со потење и губење течности да падне притисокот дополнително. Затоа не е лошо пред секое излегување од дома да се направи еден минипреглед, да се измери притисок или шеќер ако пациентот е дијабетичар. Апел до сите кои кога ќе видат човек на улица препотен на кој не му е добро, губи св
Најризични категории се градежните работници, вработените во комуналните претпријатија, земјоделците, поштарите, доставувачите, сообраќајните полицајци и сите други кои поголемиот дел од работното време го минуваат на директно сонце.
Со оглед на тоа што метеоролозите најавуваат продолжување на топлотниот бран и во наредните денови, прашањето повеќе не е дали постојат препораки, туку дали тие навистина се применуваат таму каде што ризикот е најголем – на градилиштата, нивите, улиците и другите работни места под отворено небо.
Извор: Мета.мк
