Лукровски се врати во Општина Карпош по речиси два месеца боледување

Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, повторно се вратил на работа по речиси два месеца отсуство поради здравствени причини.

Според информациите објавени во повеќе медиуми, Лукровски на 30 јуни се појавил во просториите на Општината и ги известил вработените дека неговото боледување е завршено. Со неговото враќање тој повторно ги презема градоначалничките надлежности.

Лукровски замина на боледување на почетокот на мај, само неколку месеци по преземањето на функцијата. Во периодот на неговото отсуство, со работата на локалната самоуправа привремено раководеше членот на Советот, Неделчо Крстевски.

Неговото подолго отсуство отвори повеќе прашања во јавноста, особено откако се појавија информации дека размислува за оставка. Општина Карпош тогаш ги демантираше таквите тврдења и соопшти дека градоначалникот користи боледување поради здравствени причини, а дека општинските служби продолжуваат да функционираат непречено.

Во текот на јуни се појавија и различни информации за времетраењето на боледувањето и за тоа кога Лукровски треба да се врати на работното место. Премиерот Христијан Мицкоски тогаш изјави дека здравствената состојба на градоначалникот бара мирување и дека лекарите се надлежни да одлучат кога ќе може да продолжи со работа.

Засега од Општина Карпош нема официјално соопштение за враќањето на Лукровски, ниту информација дали во наредниот период тој јавно ќе се обрати за своето отсуство и за продолжувањето на работата во Општината.

Најчитано