По ланскиот разорен пожар, Езерани целосно затворен за посетители

Од денес е воведена целосна забрана за движење во Паркот на природата „Езерани“, поради високите температури и зголемената опасност од избувнување пожари на отворено.

Од Општина Ресен, која управува со заштитеното подрачје, информираа дека мерката се воведува превентивно, со цел да се заштитат чувствителните природни живеалишта и да не се повтори минатогодишната огнена катастрофа. Не е наведено до кога ќе трае забраната.

Одлуката стапува во сила на 1 јули и се однесува на целата територија на паркот. Посетителите, рекреативците и другите лица не треба да влегуваат во заштитеното подрачје додека мерката е активна.

„Езерани“ се наоѓа на северниот брег на Преспанското Езеро и претставува едно од највредните мочуришни подрачја во земјата. Трските, влажните ливади, плитките води и крајбрежната вегетација се живеалишта за голем број птици, риби, водоземци, растенија и други видови, меѓу кои има и ретки и заштитени претставници.

Превентивната мерка добива особено значење по пожарот од јули минатата година, кога огнот зафати повеќе од 500 хектари во Преспанскиот Регион. Анализата на Македонското еколошко друштво покажа дека биле изгорени околу 200 хектари трска, повеќе од 160 хектари шуми и појаси од врби и тополи, како и околу 100 хектари ливади.

Според тогашните процени, пожарот зафатил речиси половина од копнената површина на Паркот на природата „Езерани“, а дел од шумите и овоштарниците биле целосно уништени.

Сувата вегетација, високите температури и тешко пристапниот терен создаваат услови во кои и мал пожар може брзо да се прошири и да предизвика долгорочни последици за биолошката разновидност и за состојбата на Преспанското Езеро.

Забраната во „Езерани“ е донесена одделно од целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште со кое стопанисува ЈП „Национални шуми“. Таа мерка, исто така, почнува на 1 јули и ќе важи до 31 август, додека за заштитените подрачја одлуките ги носат субјектите што управуваат со нив.

Од Општина Ресен апелираат граѓаните да ја почитуваат забраната и да придонесат во зачувувањето на едно од најзначајните природни богатства во Преспа

Најчитано