Европските аеродроми и авиокомпании бараат итна интервенција од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, откако новиот систем за влез и излез создаде повеќечасовни редици на надворешните граници на Шенген-зоната.
Во заедничко отворено писмо, трите големи воздухопловни здруженија ACI Europe, Airlines for Europe и Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт предупредуваат дека патниците во најоптоварените периоди чекаат и до пет часа за гранична контрола.
Последиците веќе се чувствуваат во авионскиот сообраќај. Патници пропуштаат поврзани летови, се создаваат редици пред терминалите и на отворените аеродромски платформи, додека дел од авионите ги затвораат портите и полетуваат без патниците што останале заглавени на пасошката контрола.
Аеродромите и авиокомпаниите предупредуваат дека системот е пред уште поголем тест во јули и август. Во овие два месеца низ европските аеродроми се очекува да поминат околу 40 милиони патници повеќе отколку во мај и јуни.
Според воздухопловниот сектор, сегашниот капацитет на граничните служби, бројот на вработени и достапната технологија не се доволни за непречено да се обработи толкав број патници.
Затоа од Европската комисија се бара земјите членки да добијат можност привремено и целосно да ја суспендираат примената на системот кога бројот на патници ќе го надмине капацитетот на граничните пунктови.
Предлогот е оваа флексибилност да важи најмалку во текот на јули и август. Кога ќе се создадат предолги редици, граничните служби привремено би се вратиле на стандардната проверка и ставање печати во пасошите.
Од воздухопловните здруженија нагласуваат дека не бараат укинување на граничните проверки, туку привремено исклучување на новата дигитална процедура во моментите кога таа создава сериозни застои.
Дополнително, до септември се бара воспоставување траен механизам што ќе им овозможува на властите да го суспендираат системот во исклучителни ситуации, сè додека не бидат решени проблемите со недостигот од кадар, нестабилноста на информатичките системи, недоволниот број автоматски порти и ограничената употреба на апликацијата за претходна регистрација.
Новиот Систем за влез и излез, познат како EES, постепено почна да се воведува во октомври 2025 година, а целосно се применува од 10 април 2026 година.
Системот ги евидентира влегувањата и излегувањата на државјаните што не се од Европската Унија и патуваат во Шенген-зоната за краток престој. Наместо печат во пасошот, при преминувањето се регистрираат податоците од патната исправа, фотографија од лицето и отпечатоци од прстите.
Тоа значи дека системот ги опфаќа и македонските државјани кои патуваат во земјите од Шенген-зоната за туристички, деловен или друг краткорочен престој.
Особено долга може да биде првата регистрација, кога патникот треба да ги достави биометриските податоци. При следните патувања информациите веќе постојат во системот, но повторно се врши проверка на идентитетот и дозволениот период на престој.
Европската комисија го воведе EES за полесно откривање лица што остануваат подолго од дозволеното, спречување злоупотреби со туѓи или лажни документи и подобрување на безбедноста на надворешните граници.
Според официјалните податоци објавени пред целосното активирање, преку системот биле регистрирани повеќе од 45 милиони гранични преминувања. На повеќе од 24.000 лица им бил одбиен влез, а биле идентификувани и над 600 патници што претставувале безбедносен ризик.
Аеродромите и авиокомпаниите не ги оспоруваат безбедносните цели, но тврдат дека практичната примена не е усогласена со реалниот број патници и со капацитетите на аеродромите.
Првите сериозни предупредувања беа испратени уште во февруари, кога воздухопловните организации соопштија дека редиците достигнуваат два часа и дека во летниот шпиц може да се продолжат на четири или повеќе часа.
Тогаш како главни проблеми беа посочени хроничниот недостиг од гранични службеници, нерешените технички проблеми и слабата употреба на дигиталните алатки за претходна регистрација.
Европската комисија, пак, тврди дека системот е функционален и дека долгите редици често се последица на концентрирањето голем број летови во исти временски периоди, а не само на EES.
Воздухопловниот сектор го отфрла ваквото објаснување, наведувајќи дека распоредите на летовите се познати со месеци однапред и дека новиот систем требало да биде приспособен на очекуваниот сообраќај.
За патниците од Македонија, предупредувањето значи дека во текот на летната сезона треба да пристигнуваат на аеродромите порано од вообичаено, особено кога влегуваат во Шенген-зоната преку големите и туристички најоптоварени аеродроми.
Најголем ризик имаат патниците со кратко време меѓу два поврзани лета, бидејќи долгото задржување на граничната контрола може да доведе до пропуштање на следниот авион.
