Штип остана без вода, филтер-станицата исклучена по невремето

Од This illustration was made by Rašo.An email toRašo would be appreciated too. — сопствено дело, CC BY-SA 3.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=20604083

Штип од 14 часот е без вода за пиење, откако филтер-станицата беше исклучена поради екстремната заматеност на сировата вода што пристигнува од Хидросистемот „Злетовица“. Проблемот е последица на силното невреме што го зафати пробиштипскиот регион.

Директорот на ЈП „Исар“, Александар Арсовски, на вонредна прес-конференција информираше дека водата што доаѓа од браната „Кнежево“ е со толку висока матност што филтер-станицата во моментов не може безбедно да ја преработува. Поради тоа таа е исклучена од системот, а градот остана без редовно водоснабдување.

Проблемите започнаа уште утрово. ЈП „Исар“ тогаш ги повика граѓаните рационално да ја користат водата, бидејќи прекинот на електричната енергија и штетите од невремето го отежнале работењето на ХС „Злетовица“. Неколку часа подоцна состојбата се влоши и преработката на водата беше целосно прекината.

Од „Исар“ велат дека екипите на претпријатието и на ХС „Злетовица“ работат координирано за нормализирање на состојбата, но засега нема прецизна информација кога водоснабдувањето ќе биде целосно обновено.

Со вода од системот „Злетовица“, покрај Штип, се снабдуваат и други општини во источниот дел на земјата, меѓу кои Пробиштип, Свети Николе и Карбинци, каде исто така се можни проблеми со снабдувањето поради последиците од невремето.

Надлежните апелираат до граѓаните за трпение до стабилизирање на системот и повторно пуштање на филтер-станицата во работа.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?