По ненадејното заминување на македонската музичка икона Владо Јаневски, хип-хоп артистот Марко Маринковиќ – Слаткар во поткастот „Претрес со Ландов“ сподели длабоки и емотивни мисли за својот постар колега. Во искрениот разговор, Слаткар не само што ја изрази својата огромна тага, туку и откри детали за досега непозната музичка соработка која допрва ќе ја види светлината на денот.
„Како да изгубив вујко…“
За Слаткар, Владо Јаневски не бил само музичар, туку вистински идол со кој растел и кого го слуша континуирано уште од 1993 година. Смртта на Јаневски ја доживеал многу лично и емотивно.
„Кога се случи ова, некако беше како да сум изгубил некој вујко што ептен сум го сакал, како некој чичко, стрико… јас мислам дека сите ние што сме го сакале многу, се осетивме така,“ раскажува Слаткар
Тој упати огромни пофалби за неговото творештво, истакнувајќи дека Владо никогаш не се обидел да гради српска, хрватска или бугарска кариера, туку секогаш творел исклучиво дома, претставувајќи совршен пример за тоа како може да опстои една кариера на македонски јазик толку долго време
За него, Јаневски е еден од најдобрите текстописци на сите времиња во Македонија, па дури и „нашиот нов Рацин“, исклучително голема и значајна фигура за нашата култура како држава
Необјавената песна ќе биде објавена за неговиот роденден
Најексклузивниот момент од интервјуто беше признанието на Слаткар дека тие двајца снимиле заедничка песна пред околу пет години, која никогаш не била објавена
Причината за тоа бил перфекционизмот на Слаткар, кој во тоа време сметал дека песната не е „доволно добра“ и дека од сè фалело по нешто.
„Никогаш не очекуваш дека ќе немаш време… Сега во ситуацијава со Владо, кога гледаме дека веќе го нема, малку ми е и криво. Од една страна, па си викам изгледа така требало да биде,“ искрен е Слаткар.
Тој вети дека песната сепак ќе доживее премиера многу наскоро: „Сакам и верувам дека треба да се слави денот кога се родил, не денот кога заминал. Сакам да ја извадам за неговиот роденден во ноември“.
Ќе ја живее судбината на Тоше Проески
Зборувајќи за меморијалниот собир пред платото на СЦ „Борис Трајковски“, Слаткар не го криеше своето разочарување од бројката на присутни луѓе, истакнувајќи дека за човек од таков калибар требало да биде затворена целата улица.
Сепак, тој е убеден дека вистинската вредност на музиката и стиховите на Владо допрва ќе расте кај новите генерации.
„Владо ќе ја живее судбината на Тоше. Веројатно он ќе станува сè поголем и поголем после неговата смрт. Со тек на времето ќе ни станува сè побитен и поважен, и ќе гледаме колку всушност бил важен,“ заклучува Слаткар во својата емотивна посвета кон великанот на македонската поп музика
