Од нестабилно кон вистински летни горештини: Еве какво време ја очекува Македонија од 5 до 8 јули

Македонија

По нестабилното врене со локални врнежи и грмежи, Македонија веќе влегува во период на стабилизација на времето. Според прогнозите од денеска ќе преовладува сончево и значително потопло време, а температурите од ден на ден ќе бидат сè повисоки.

Во Скопје, сабота ќе започне со променливо облачно време и услови за краткотраен дожд, со температура од 17 до 31 степен. Од недела следува стабилизација, со сончево време и максимални температури од 33 степени, додека во понеделник и вторник живата во термометарот ќе достигне 34, односно 35 степени.

Во останатиот дел од Македонија, сабота беше последниот ден со локална нестабилност, особено во западните и југозападните предели, каде што се можни краткотрајни врнежи и грмежи. Од утре па натаму времето ќе биде претежно сончево, со мала до умерена локална облачност и постепен пораст на температурите.

Најтопло ќе биде во југоисточниот дел од државата. Во Гевгелија и Струмица максималните температури ќе достигнат до 35 и 36 степени, додека во Кавадарци, Штип и Скопје ќе се движат околу 34-35 степени. Во повисоките и планинските места, како Берово, Мавровскиот регион и Крушево, ќе биде посвежо, но и таму температурите ќе се искачат до околу 27-30 степени.

Слично време и во регионот

Целиот Балкан влегува во нов топол бран. Во Србија, Косово, Албанија, Црна Гора и Бугарија ќе преовладува сончево и многу топло време со температури меѓу 32 и 37 степени. Локални попладневни нестабилности се можни само во планинските области, но тие нема значително да влијаат врз општата временска слика. Македонија ќе има речиси идентични временски услови како соседните земји, со постепено засилување на летната жештина.

Одлични услови за летување на грчкото крајбрежје

Добри вести и за македонските туристи кои викендов и во текот на следната недела ќе патуваат кон Грција. На Халкидики, Олимпик Бич, Паралија, Аспровалта, Кавала, Тасос и Лептокарија ќе преовладува сончево време со температури од 28 до 35 степени.

Морето ќе биде мирно, со слаб ветер и температура на водата од околу 24 до 26 степени, што создава одлични услови за капење и престој на плажа. Во попладневните часови не се очекуваат позначајни врнежи, а индексот на УВ-зрачење ќе биде многу висок, па се препорачува избегнување директно изложување на сонце во периодот од 11 до 17 часот, како и задолжителна заштита со креми со висок заштитен фактор.

Според актуелните прогнози, првата половина од следната седмица ќе биде во знакот на вистинско летно време, со многу сонце и температури кои на повеќе места ќе надминат 35 степени, што претставува вовед во нов, посилен јулски топлотен бран.

Најчитано