Путин му честиташе на Трамп за Денот на независноста: „Драг Доналд…“

Путин
EPA/GAVRIIL GRIGOROV/SPUTNIK/KREMLIN POOL / POOL MANDATORY CREDIT

Рускиот претседател Владимир Путин им честиташе на Соединетите Американски Држави за 250-годишнината од независноста, нагласувајќи ја децениската соработка меѓу двете земји.

„Драг господине претседателе, драг Доналд“, напиша Путин во честитката до американскиот претседател Доналд Трамп, објавена од руското Министерство за надворешни работи.

„Потпишувањето на Американската декларација за независност не само што го означи почетокот на постоењето на вашата нација, туку стана и значајна пресвртница во светската историја“, рече Владимир Путин.

Тој додаде дека Русија, тогаш под царска власт, „ги поддржувала бунтовниците на северноамериканските колонии во нивната борба за слобода од британската власт“.

Путин истакна дека има „многу величествени“ поглавја во 250-годишната историја на односите меѓу двете земји.

„Бевме сојузници во две светски војни, заедно го ослободивме човештвото од ужасите на нацизмот, а потоа одигравме клучна улога во поставувањето на темелите на современиот светски поредок“, напиша тој.

„И денес, Русија и САД, како две најголеми нуклеарни сили, носат посебна одговорност за зачувување на безбедноста и стабилноста на глобално ниво“, додаде Путин.

На крајот од пораката, Путин им посака на Трамп и неговите роднини здравје, благосостојба и успех, а на сите американски граѓани среќа и просперитет.

Најчитано