Концептот „српски свет“ што го промовира власта во Белград претставува идеолошка реставрација на политиката на Слободан Милошевиќ и проектот „Голема Србија“, оценува професорот на Универзитетот во Белград, Иван Виденовиќ, во интервју за бугарската новинска агенција БГНЕС.
Според Виденовиќ, денешната власт во Србија ја гради својата политика врз ревизија на деведесеттите години, при што се настојува да се рехабилитираат идеите кои, како што вели, доведоа до војните и распадот на поранешна Југославија.
Тој смета дека политиката на претседателот Александар Вучиќ не претставува дисконтинуитет, туку продолжение на националистичката матрица од времето на Милошевиќ, само приспособена на денешните политички околности. Концептот „српски свет“, според него, има за цел политичко и културно обединување на Србите во регионот, што кај соседните држави предизвикува сомнежи дека станува збор за обновена верзија на идејата за „Голема Србија“.
Виденовиќ предупредува дека Србија не може да изгради демократска иднина без критичко соочување со сопственото минато. Според него, неопходна е јасна дистанца од политиките што доведоа до воените конфликти во деведесеттите години, како предуслов за вистинска демократизација на земјата.
Тој додава дека современата српска политичка елита сè уште избегнува целосно да ја преземе одговорноста за наследството од тоа време, а токму тоа, според него, ја оддалечува Србија од европските демократски стандарди и го оптоварува регионот со нерешени историски и политички прашања.
