Опозициската СДСМ денеска со соопштение упати остри критики кон поранешниот висок партиски функционер Игор Ивановски, укажувајќи дека во неговото неодамнешно телевизиско интервју ниту еднаш не го споменал премиерот Христијан Мицкоски, туку целото внимание го насочил кон критики кон сопствената партија.
„Игор Ивановски, познат и како „Шема“, во 30-минутното интервју за националната телевизија ниту еднаш не го спомена Христијан Мицкоски. Ниту еднаш. Затоа што не може да ја напаѓа својата шема“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
Од партијата потсетуваат дека Ивановски во минатото бил генерален секретар и потпретседател на СДСМ, а на парламентарните избори во 2024 година бил шеф на тимот за подготовка на изборната програма и програмскиот конгрес. Според СДСМ, лицата кои денес се претставуваат како реформатори биле дел од тогашното раководство и активно учествувале во креирањето на политиките со кои партијата ги загубила изборите.
Во соопштението се поставуваат прашања зошто Ивановски не се кандидирал за лидер на СДСМ на внатрепартиските избори и зошто не побарал поддршка од членството со сопствена реформска програма, туку, како што наведуваат, денес „однадвор“ се обидува да ја слабее партијата.
СДСМ оценува дека таканаречените реформски крила не работат за обнова на партијата, туку за создавање слаба опозиција која, според нив, ќе ѝ одговара на актуелната власт.
Во реакцијата се изразува поддршка за претседателот на СДСМ, Венко Филипче, за кого партијата наведува дека ја презел одговорноста во најтешкиот период и дека работи на обновување на социјалдемократијата и враќање на довербата кај граѓаните.
На крајот од соопштението, СДСМ тврди дека иницијативата што ја нарекува „Платформа за иднината на Мицкоски“ или „ЗНАМ 2.0“ не претставува реформски процес, туку обид за понатамошно слабеење на опозицијата, оценувајќи дека таквиот проект „нема да успее“.
