Рибата „зајак“ стана летен проблем за Грција: властите бараат решение

Рибата „зајак“ стана летен проблем за Грција, откако овој опасен инвазивен вид сè почесто се појавува во Егејското Море и ги загрижува и капачите и рибарите. Грчките власти веќе бараат начин како да ја ограничат заканата, со мрежи во морето и со парична поддршка за рибарите кои ќе ја ловат.

Во делови од Евија, во поширокиот регион на Халкида, се поставуваат пловечки заштитни мрежи за да се создадат побезбедни зони за капачите. Мерката доаѓа по зголемена загриженост кај локалното население и туристите, бидејќи рибата може да биде опасна ако се допре или ако се консумира.

Грчките медиуми пишуваат дека проблемот е особено изразен во Крит и Јужен Егеј. Таму рибарите предупредуваат дека рибата „зајак“ им ги уништува мрежите, го јаде уловот и им создава сè поголеми економски штети.

Затоа државата активира пилот програма од 1,5 милиони евра. Рибарите ќе добиваат надомест за уловен лагокефал, а уловената риба нема да оди во исхрана, туку ќе биде собрана и уништена. Целта е да се намали бројот на овој вид и да се заштитат морскиот екосистем, рибарството и туристичките зони.

Научниците предупредуваат дека најголемата опасност не е само во каснувањето, туку во отровот што го содржи рибата. Лагокефалот содржи тетродотоксин, силен отров за кој нема познат противотров. Затоа препораките се јасни: рибата не смее да се јаде, не треба да се допира и ако се забележи на плажа, треба да се известат надлежните служби.

Грција сега се обидува да го спречи проблемот пред да стане уште поголем летен ризик. Мрежи за капачите, пари за рибарите и предупредувања за туристите се првите чекори во битката со рибата „зајак“, која од егзотичен морски вид се претвори во сериозен предизвик за грчкото лето.

Најчитано