Македонија на Самитот на НАТО во Анкара со највисока државна делегација

НАТО
Photo: @FinlandatNATO/X

На самитот на НАТО во Анкара, делегацијата ја предводи претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова.

Во делегацијата се и министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, како и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

Од Министерството за одбрана информираат дека учеството на самитот е можност за размена на ставови за актуелните безбедносни предизвици и за јакнење на сојузничката соработка во рамки на НАТО.

На претстојниот Самит фокус ќе бидат неколку значајни теми меѓу кои и инвестициите наменети за одбраната, развојот на одбранбената индустрија и помошта за Украина.

Министерот Мисајловски во рамки на Самитот ќе учествува на Форумот за одбранбена индустрија; приемот за министри за одбрана организиран од турскиот министер за национална одбрана, Јашар Ѓулер и на церемонијата за приклучување на Франција, Финска и Шведска кон Мултинационалната соработка за воспоставување на НАТО обука за летање во Европа (NFTE – NATO Flight Training Europe).

Во Анкара министерот ќе оствари повеќе работни средби со неговите колеги министри за одбрана на сојузничките земји и ќе учествува на работниот состанок на  Северноатлантскиот Совет со партнерите од Индо-пацифичкиот регион (Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Република Кореја).

Најчитано