СДСМ: „Платформата за иднината“ се распадна уште пред да почне, зад неа стои Мицкоски

СДСМ

Опозициската СДСМ обвини дека иницијативата „Платформа за иднината“ е проект зад кој, како што тврдат од партијата, стои премиерот Христијан Мицкоски, со цел да се раситнат опозициските гласови и да се ослаби СДСМ.

Во партиското соопштение се повикуваат на настап во емисијата „Во Центар“, каде, според СДСМ, Андреј Петров признал дека групата веќе осум месеци работела против партијата. Од СДСМ посочуваат дека првично како промотори на иницијативата биле претставувани Јован Деспотовски и Петре Шилегов, но дека подоцна било кажано оти ниту еден од нив не бил поканет на состанокот на групата.

„Говорат за единство и реформи, а не можат да ги задржат ниту првите двајца промотори кои самите ги лансираа“, наведуваат од СДСМ.

Партијата оценува дека групата ја сочинуваат поранешни функционери кои, според нив, биле дел од раководството во периодот на изборниот пораз во 2024 година, а сега се претставуваат како реформатори.

Од СДСМ прашуваат зошто претставниците на иницијативата не се кандидирале на внатрепартиските избори и не ја побарале довербата од членството, туку, како што велат, се обидуваат да влијаат врз партијата преку медиумски настапи и затворени состаноци.

Во соопштението се тврди и дека дел од луѓето поврзани со иницијативата соработуваат со членови на ЗНАМ и други политички партии, поради што СДСМ оценува дека не станува збор за внатрешна иницијатива, туку за политички проект насочен кон слабеење на опозицијата.

Според СДСМ, власта се обидува да создаде нов политички субјект кој би ги фрагментирал опозициските гласови пред евентуални предвремени парламентарни избори.

„СДСМ е силен. Оваа платформа нема да помине. Нема да дозволиме СДСМ да биде уништена од луѓе кои ја напуштија кога беше најтешко, а сега се враќаат во јавност во координација со власта“, се наведува во партиското соопштение.

Најчитано