Три лекови против згрутчување на крвта отсега на рецепт, рефундации до 15 јули

Сашо Клековски – кандидат за министер за здравство / Фото: „360 степени“

Три антикоагулантни лекови од 1 јули се достапни на позитивната листа и пациентите може да ги подигнуваат во аптека со рецепт од лекар специјалист, наместо да ја плаќаат целата цена и потоа да бараат враќање на парите од Фондот за здравствено осигурување.

Станува збор за лековите со генеричко име еноксапарин, надропарин и ривароксабан. Еноксапаринот и надропаринот досега се обезбедуваа за домашно лекување преку систем на рефундација, додека ривароксабанот првпат е вклучен на позитивната листа.

Директорот на ФЗО, Сашо Клековски, соопшти дека за еноксапарин се достапни два бренда, за надропарин е обезбеден еден, а ривароксабанот во почетниот период ќе биде достапен преку еден бренд.

Еноксапаринот и надропаринот на приватно чинеле од околу 1.100 до 2.700 денари, во зависност од дозата и пакувањето. Со новиот систем пациентите ќе плаќаат партиципација од 160 до 240 денари. Кај еноксапаринот еден бренд ќе биде без дополнителна доплата, додека за друг ќе се доплаќа, при што пациентот може да го избере лекот без доплата.

Ривароксабанот, кој досега чинел меѓу 2.000 и 2.200 денари, ќе се издава со партиципација од 160 денари. Во почетниот период ќе има и доплата од 105 до 505 денари, во зависност од дозата и бројот на таблети во пакувањето.

Според пресметките на Фондот, кај најчесто користеното пакување со 30 таблети од 10 милиграми, пациентот ќе заштеди 1.752 денари. Од 1 јануари 2027 година ривароксабанот треба да се издава без доплата, само со предвидената партиципација.

ФЗО ќе продолжи да прима барања за рефундација за антикоагулантната терапија до 15 јули. Преодниот период е оставен бидејќи дел од аптеките не ги обезбедиле лековите навреме по влегувањето на одлуката во сила.

Терапијата ќе се препишува врз основа на медицинските индикации и процената на лекар специјалист. Еноксапаринот и надропаринот ќе продолжат да бидат достапни и за болничко лекување, како и за продолжување на болничката терапија во домашни услови.

Проширувањето на позитивната листа со овие лекови беше најавувано уште во 2025 година, но примената беше одложена поради административни и технички постапки. Одлуката официјално се применува од 1 јули 2026 година, а барањата по стариот систем ќе се примаат до 15 јули.

Најчитано