Европската комисија нема да ѝ понуди на Северна Македонија гаранции дека во текот на пристапниот процес нема да се појават нови билатерални спорови, затоа што такви гаранции досега не добила ниту една земја-кандидат. Но, истовремено, Европската Унија останува на ставот дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик не се предмет на политички преговори и никој не може да им ги одземе на македонските граѓани.
Ова беа клучните пораки што еврокомесарката за проширување Марта Кос ги испрати од Скопје на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, на која доминираше прашањето за македонските евроинтеграции и барањето на Владата за гаранции дека по евентуалните уставни измени нема да следуваат нови бугарски условувања.
Кос повтори дека правилата на процесот на проширување се исти за сите држави кандидати и дека Европската Унија никогаш не давала гаранции од типот што ги бара македонската Влада.
„Ниту една земја-кандидат никогаш не добила гаранција дека нема да се појави друг спор за време на процесот на пристапување. Така функционира проширувањето на Европската Унија и важно е да се прифати оваа реалност“, изјави Кос.
На новинарско прашање како Северна Македонија да гради доверба со земја-членка која не ги признава македонскиот јазик и идентитет, еврокомесарката нагласи дека тие не можат да бидат предмет на политички преговори.
„Идентитетот никогаш не може да биде предмет на политичко одлучување. Никој не може да ви го одземе македонскиот идентитет и македонскиот јазик“, рече Кос, додавајќи дека токму членството во Европската Унија е најсилната гаранција за нивната заштита.
Таа порача дека Европската комисија сака Северна Македонија да продолжи напред на европскиот пат и оцени дека земјата веќе покажала дека може да испорачува резултати кога постои политичка волја, посочувајќи ги реформите во рамките на Планот за раст на Европската Унија.
„Сега имаме можност што се случува еднаш во една генерација да го реализираме проширувањето. Оние што ги исполнуваат своите обврски напредуваат“, рече Кос, потсетувајќи дека неколку земји од регионот веќе забрзано ги отвораат и затвораат преговарачките поглавја.
Со овие пораки, еврокомесарката практично ги повтори ставовите што ги изнесе и во пресрет на посетата на Скопје – дека Европската Унија нема да ја менува преговарачката рамка ниту да дава дополнителни гаранции, но останува подготвена веднаш да го забрза пристапниот процес штом Северна Македонија ги исполни преземените обврски.
Токму на ова прашање остануваат најголемите разлики меѓу Брисел и македонската Влада. Додека Мицкоски инсистира дека се потребни цврсти гаранции оти по уставните измени нема да има нови блокади, Европската комисија порачува дека такви гаранции не се дел од политиката на проширување и дека довербата се гради преку исполнување на договореното и доследно почитување на европските правила.
