Беким Ќоку, ВЛЕН: Многу загрижувачки е ако не запреа на границата со Албанија заради поддршката на протестите во Тирана

Ќоку

Ако не запреа на границата со Албанија заради поддршката на протестите во Тирана, тоа е многу загрижувачки, пишува во објавата на социјаните мрежи пратеникот на ВЛЕН Беким Ќоку.

Оваа реакција доаѓа откако по едночасовно чекање на граничниот премин „Ќафасан“ на македонско-албанската граница, полициски службеници од Албанија одбиле влез на едно лице во земјата кое патувало заедно со пратениците во македонското Собрание, Беким Ќоку и Аднан Азизи, од владејачката партија Влен, но и заменик-генералниот секретар во Владата, Хасим Муртезани, по што сите заедно се вратиле назад..

Координаторот на Влен во Собранието, Ќоку, вели дека не знае зошто воопшто дошло до ваква ситуација кога сите тројца функционери приложиле дипломатски пасоши. Вели дека рутински преглед, кој би требало да трае пет минути, за нив траел еден час без никакво објаснување, а ситуацијата ја нарече апсурдна и бесмислена.

„Кога пристигнавме на ‘Ќафасан’, тројцата бевме со дипломатски пасоши, она што требаше да биде рутинска контрола која трае само пет минути, за жал, албанските гранични службеници нè држеа повеќе од еден час без да ни дадат никакво објаснување зошто не можеме да ја преминеме границата, а на едниот од нас кој беше во другиот автомобил му беше забранет и одбиен влез во Албанија. Во моментот кога бевме информирани дека на еден од нашите сонародници му е одбиен влез, решивме да се вратиме и сè уште не разбираме зошто се случи ова“, рече Ќоку.

Пратеникот Азизи, пак, вели оти е дипломатски апсурд тоа што четири лица со дипломатски пасоши чекале толку време на граница и рече оти вакво нешто не му се случило ниту на српската граница.

„Причините зошто тоа навистина се случи се голем апсурд и е многу сериозен удар за Албанците, а не за нас како поединци. Четворица дипломати со дипломатски пасоши се задржани повеќе од еден час и тоа е многу сериозно искуство бидејќи ние сме Албанци, нашата татковина е Албанија и за таа Албанија сме придонеле. Сме ја преминале и српската граница, но таму немало никаков застој, иако сме биле за време на војните што Албанците ги водеа со Србија“,рече Азизи.

Досега немаме известување во кое се објаснуваат причините за оваа акција, пишува Ќоку на социјалните мрежи. „Поради оваа причина, не можеме да направиме повеќе од поставување прашања и барање транспарентност од албанските власти“.

„Доколку причината е поврзана со фактот дека јавно ги поддржав неодамнешните протести во Албанија, тогаш ова би било длабоко загрижувачко. Казнувањето на граѓаните за изразување мислење или поддршка на мирни протести не е во согласност со стандардите на една демократска држава и со основните слободи гарантирани во секое демократско општество. Не можам да ја разберам оваа логика кога е познато дека некои европратеници физички учествувале во сегашните протести во Тирана“, истакнува Беким Ќоку.

Тој посочува дека подеднакво е тешко да се разбере како албанската држава, од една страна, им оддаде почит на личности како Горан Бреговиќ, организираше активности со културни институции од Србија, а премиерот на Албанија му посвети јавно писмо со восхит на Синиша Михајловиќ, а од друга страна создава ситуација каде што на Албанците надвор од нејзините граници им се одбива влез без никакво официјално објаснување.

„Се надевам дека албанските институции ќе го објаснат овој случај што е можно поскоро. Транспарентноста сама по себе не е институционална обврска, туку е и услов за одржување на довербата меѓу граѓаните и институциите, како и меѓу самите Албанци“, с евели во објавата на Беким Ќоку.

Најчитано