Расправата за ребалансот на Буџетот во Собранието прерасна во остра политичка пресметка, откако пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи ја нарече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска „сметководителка“, а нејзиниот заменик Николче Јанкуловски „професор“.
„Бездната во која пропаѓате е многу длабока. Имате уште да одите надолу, а во неа ве сместија сметководителката и професорот“, рече Битиќи за време на расправата во собраниската Комисија за финансирање и буџет.
На неговото обраќање реагираше пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска, која оцени дека Битиќи потценувачки ги ословил министерката и заменик-министерот. Таа му забележа дека се претставува како експерт кој на другите им нуди економски лекции, додека расправата за буџетските политики ја сведува на лични квалификации.
Јанкуловски е редовен професор и доктор на економски науки, а од јули 2024 година ја извршува функцијата заменик-министер за финансии. Неговата академска област ги опфаќа финансиите и економијата.
По собраниската седница реагираше и ВМРО-ДПМНЕ, од каде што ги осудија зборовите на Битиќи како „ниски навреди“ кон Димитриеска-Кочоска. Партијата наведе дека министерката е професионалец со интегритет и оцени дека нападите се обид за нејзино лично омаловажување.
Во реакцијата владејачката партија не се задржа само на спорната формулација, туку упати и политички обвинувања кон Битиќи. Од ВМРО-ДПМНЕ го поврзаа неговото поранешно владеење со СДСМ и ДУИ и тврдеа дека критиките доаѓаат поради неможноста на опозицијата аргументирано да ги оспори економските политики на Владата.
Инцидентот се случи во текот на амандманската расправа за измените на Буџетот за 2026 година, во која власта го брани ребалансот како приспособување кон економските потреби, додека опозицијата предупредува на погрешни проекции, раст на задолжувањето и недоволна поддршка за граѓаните.
