187 години по откривањето на моликата, германски експерти повторно на Пелистер

„Пелистер“

Идентификација на семенски насади и одржливо снабдување со шумски репродуктивен материјал од молика, македонска ела, дабови и други дрвенести видови од Македонија во Германија. Ова е само една од целите на соработката воспоставена меѓу Националниот парк „Пелистер“ од Битола и Научноистражувачкиот институт за шумарство од Гетинген, Германија, институцијата во која работел Аугуст Гризебах, ботаничар што го открил петоигличниот бор на Пелистер во 1839 година.

Експерти од „Хесен форст“ – Државна шумарска служба од Хесен, Научноистражувачкиот институт за шумарство од Гетинген, Германија, и Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг  „Ханс Ем“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопјe деновиве го посетија Пелистер.

Целта на посетата беше иницирање соработка помеѓу овие институции и Националниот парк „Пелистер“ за зачувување на шумските генетски ресурси. Тие  извршија увид врз дел од насадите молика и македонска ела, и разменија искуства за мерки за конзервација на шумските генетски ресурси, одгледувачките мерки и репродуктивниот материјал од овие дрвни видови во паркот.

 Фото: Национален парк „Пелистер“ 

„Се очекува соработката со овие институции од Германија да се интензивира при што Националниот парк ‘Пелистер’ ќе биде партнер во идните активности за конзервација на шумските генетски ресурси и примената на одгледувачките мерки и можност за остварување посета на претставниците од Паркот во заштитените подрачја во Хесен, Германија и размена на искуства“, соопшти директорот на НП „Пелистер“ Иванчо Тошевски.  

Искуствата ќе имаат важност и за заштита и обновување на моликовите стебла на Пелистер затоа што во тек се активности на експертската група составена од претставници на надлежни институции по шумарство и екологија, а формирана со одлука на Владата, со цел да изработат конкретни решенија и заклучоци за спас на старата моликова шума. Потребата од формирање вакво тело произлезе откако во декември 2024 и јануари 2025 година од силни ветришта и врнежи од снег беа оштетени многу молики на Пелистер. Беше заклучено дека моликовата шума старее и дека на терен има отежнати услови за подмладок.

Инаку, годинава се навршија 187 години откако Гризебах ја открил моликата на Пелистер. Овој растителен вид се среќава и на други планини низ Балканот, но е единствениот дрвенест вид откриен во Македонија, поради тоа и се нарекува македонски бор.

На Пелистер се наоѓаат најстарите, најголемите, најкомпактните и најдобро зачуваните природни шуми од молика на Балканот.

Ж.З.

*Оваа сторија е преземена од Локал Актив пелагонија, онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

Најчитано