Кои се Бугарите што шпионирале за Русија, па беа депортирани од Британија?

Бугарите што шпионирале за Русија, Вања Габерова и Иван Стојанов, беа ослободени од британски затвор и депортирани во Бугарија откако го издржале задолжителниот дел од казните. Двајцата беа дел од организирана шпионска мрежа што следела новинари, критичари на Кремљ и украински војници, додека лицата што биле нивни цели не биле однапред известени за ослободувањето.

Истражувачкиот новинар Христо Грозев, кој бил една од главните цели на групата, реагираше откако дознал дека Габерова и Стојанов се пуштени од затвор и депортирани. Тој изразил незадоволство што британските власти не ги известиле лицата против кои била насочена шпионската операција.

Габерова и Стојанов беа дел од група од шест бугарски државјани осудени за спроведување шпионски операции во Велика Британија и во други европски земји во интерес на Русија. Британското обвинителство ја опиша мрежата како операција од индустриски размери, со развиена структура, лажни документи и специјализирана опрема за следење.

Вања Габерова во мај 2025 година беше осудена на шест години, осум месеци и три недели затвор. Иван Стојанов, кој претходно ја призна вината за заговор за шпионажа, доби казна од пет години и три недели.

Двајцата поминале околу три години во притвор и затвор, бидејќи биле лишени од слобода пред изрекувањето на казните. Според британските правила, тие можеле да бидат ослободени откако го издржале задолжителниот дел од казната, по што биле депортирани како странски државјани осудени за тешки кривични дела.

Габерова работела како козметичарка во Лондон и во британските медиуми била позната како „кралица на трепките“. Во текот на судењето било наведено дека таа се приближувала до лица што биле цел на мрежата и собирала информации преку лични контакти.

Стојанов, поранешен натпреварувач во мешани боречки вештини, бил ангажиран во следењето на целите и во други оперативни активности на групата. Тој ја признал вината пред почетокот на главното судење.

Мрежата ја предводел Орлин Русев, а задачите, според британското обвинителство, доаѓале од Јан Марсалек, поранешен висок раководител на германската компанија „Вајркард“. Марсалек исчезна по финансискиот колапс на компанијата, а британските власти сметаат дека се наоѓа во Русија и соработува со руските разузнавачки служби.

Меѓу целите на групата биле Христо Грозев и рускиот истражувачки новинар Роман Доброхотов. Во комуникациите меѓу членовите биле разгледувани сценарија за нивно следење, дискредитирање, киднапирање или физичка ликвидација.

Шпионската група собирала информации и за украински војници и за други лица критички настроени кон Кремљ. При полициските претреси биле пронајдени лажни пасоши, камери скриени во секојдневни предмети, уреди за следење, прислушувачка опрема и голем број електронски пораки поврзани со операциите.

Шестемина осудени добија вкупно повеќе од 50 години затвор. Највисока казна му беше изречена на Орлин Русев, кој беше осуден на десет години и осум месеци, додека неговиот заменик Бисер Џамбазов доби десет години и два месеца.

Најчитано