Македонија е вклучена во истрагата за инцидентот со авионот на „Рајанер“

„Рајанер“

Истрагата за инцидентот со авионот на „Рајанер“ на летот од Солун до Меминген, што се случи над Северна Македонија, е во тек, изјави денес претседателот на Македонскиот комитет за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, Марјан Прпоски.

Прпоски за државната агенција МИА изјави дека се во постојана комуникација со американската агенција за истражување на воздухопловни несреќи, Националниот одбор за безбедност на сообраќајот – НТСБ, и дека навремено ќе ја информираат јавноста за сите дополнителни информации поврзани со случајот.

Боинг 737 на „Рајанер“ на лет од Солун до Меминген се врати вчера кратко по полетувањето на аеродромот во Солун, откако прозорецот на еден патник се скрши за време на летот, соопшти нискобуџетната авиокомпанија во врска со инцидентот во кој еден од патниците беше полесно повреден.

Медиумите во Солун, повикувајќи се на сведоштвата на патниците, вчера објавија дека веднаш по полетувањето, веројатно додека авионот летал над Скопско, се слушнал силен шум, по што се скршил прозорецот, а патникот на седиштето до прозорецот, поради ненадејна декомпресија, бил во опасност да падне од авионот, а со помош на сопатник бил врзан и спасен.

Меѓу патниците настанала паника, пилотот, според сведоштвата, останал смирен, ги смирил патниците и го вратил авионот на солунскиот аеродром.

Некои медиуми објавија дека причина за скршениот прозорец е проблем со моторот, дека еден дел се откршил и удрил во прозорецот.

Солунските медиуми објавија дека е повреден турист на околу 60 години, кој веројатно е државјанин на Србија.

Најчитано