Галичка свадба 2026: Александар и Мартина ја продолжија вековната традиција во Галичник

Со традиционалните свадбени обичаи, мијачките песни и препознатливите народни носии, во Галичник денеска беше одржан централниот ден од годинашната „Галичка свадба“, една од најзначајните културни манифестации во Македонија.

Во центарот на вниманието беа младенците Александар Пендароски и Мартина Михајлова, кои годинава ја имаа честа да ги понесат улогите на галички зет и невеста. Нивниот избор има посебна симболика, бидејќи годинава се одбележуваат 35 години од првата современа Галичка свадба, на која во 1991 година се венчале родителите на младоженецот.

Главните свадбени обичаи започнаа со традиционалното бричење на младоженецот, проследено со изведба на „Тешкото“, испраќањето по невестата и венчавањето во храмот „Свети Петар и Павле“. Илјадници посетители од земјата и странство присуствуваа на настанот, кој и годинава го претвори Галичник во центар на македонската културна традиција.

Годинашното издание беше збогатено со дополнителни традиционални свадбарски обичаи, со цел уште поавтентично да се прикаже мијачкото културно наследство. Организаторите посочуваат дека интересот за манифестацијата расте од година во година, особено меѓу младите и странските посетители.

„Галичка свадба“ традиционално се одржува секој јули, за празникот Петровден, и претставува жив музеј на македонските свадбени обичаи. Манифестацијата е препознатлива по автентичните ритуали, музиката, носиите и обичаите што со децении се пренесуваат од генерација на генерација.

Најчитано