Цеков: Госпoдине Минчев, ги изневеривте граѓаните, јас нема да ви судам, тие ќе ви судат

Цеков

Независниот пратеник Миле Цеков од собраниската говорница оцени дека ЗНАМ ги изневерила очекувањата на граѓаните, наведувајќи дека партијата не останала доследна на принципите и ветувањата со кои настапила пред изборите.

Во обраќањето, Цеков ја критикуваше политиката на поранешните сопартијци, посочувајќи дека јавно поставувале „црвени линии“, но подоцна постапувале спротивно на сопствените изјави.

Тој потсети на изјавите на Горан Минчев дека ДУИ не смее да биде дел од Владата.

„Во Владата влеговме со јасни услови. Првиот и клучен услов беше ДУИ да биде надвор од Владата… Некој што соработува со ДУИ не треба да биде дел од оваа Влада“, цитираше Цеков.

Потоа наведе дека, според него, практиката покажала поинаква слика.

„На 3 јуни 2025 година, како министер за јавна администрација, лично потпишува договор за набавка на гориво со компанијата „Пуцко Петрол“, која е во сопственост на актуелен пратеник од редовите на ДУИ, Исмаил Јаховски“, рече Цеков, додавајќи дека подоцна и други институции предводени од кадри на ЗНАМ склучувале договори со истата компанија.

Според него, суштинскиот проблем е што граѓаните биле изневерени.

„Почитувани граѓани, денес гледаме дека проблемот никогаш не бил во ДУИ. Проблемот бил што одредени луѓе не биле министри. Изгледа ДУИ била проблем само на прес-конференции, но не и кога се потпишуваат договори вредни десетици милиони денари“, изјави Цеков.

Во завршницата на овој дел од говорот, тој порача дека токму граѓаните ја платиле цената на, како што рече, напуштените принципи.

„И најважно од сè – ги изневеривте граѓаните кои ви поверуваа на овие зборови… Принципите или ги имаш, или ги немаш“, рече независниот пратеник Миле Цеков.

Независниот пратеник Миле Цеков, кој ја напушти ЗНАМ, од собраниската говорница изнесе и други, дополнителни, обвинувања кон министерот за јавна администрација Горан Минчев, тврдејќи дека Министерството доделило милионски договор за обука на администрацијата на компанија чија основна дејност, според него, не е поврзана со такви услуги.

Во своето обраќање, Цеков потсети на претходни изјави на Минчев дека ЗНАМ ќе биде „коректор“ во јавната администрација, а потоа изнесе тврдења за конкретен тендер.

Потоа додаде дека, според неговите наводи, Министерството за јавна администрација доделило договор вреден 14 милиони денари на фирмата „Фонолукс“.

„На 30.7.2025 година Министерството за јавна администрација доделува тендер во вредност од 14 милиони денари за обука на 30.000 службеници на фирма „Фонолукс“ ДООЕЛ Скопје, чија основна дејност е изнајмување и давање под закуп машини и опрема, со еден вработен, и тоа во рок од шест месеци“, рече Цеков.

Според независниот пратеник Миле Цеков, ваквата одлука отвора сериозни прашања.

„Господине Минчев, потпишавте договор од 14 милиони денари за обука на 30.000 службеници во рок од шест месеци со фирма која има еден вработен. Па дали, се прашувам, ја обучувате администрацијата или ќе ја обучувате јавноста како се прави тендерска магија? Ако е ова реформа во администрацијата, тогаш Хари Потер треба да биде“, рече Цеков од собраниската говорница.

Во репликата што следуваше, координаторот на пратеничката група на ЗНАМ, Бобан Карапејовски, ги отфрли изнесените обвинувања, оценувајќи дека Цеков ја промашил темата на расправата и дека Горан Минчев „е еден од министрите што има најдобар рејтинг, највисока евалуација и направил многу за државата“.

Најчитано