Томас Штајн(18) кој учествуваше во грабежот што заврши со смртта на 15-годишната Кајла Ринкон-Милер, е осуден на доживотен затвор. За време на изрекувањето на пресудата, тој плачеше и испрати порака до семејството на жртвата, но судијата го одби неговото последно барање, објави „Унилад“ .
Трагедијата се случила на 17 март 2024 година, кога Кајла Ринкон-Милер и нејзините пријатели оделе кон кино во Кејп Корал, Флорида. Потоа биле нападнати од Томас Штајн и неговиот пријател Кристофер Хорн со намера да ги ограбат. Во еден момент, пиштолот пукал, убивајќи ја младата девојка.
Штајн на судењето тврдеше дека немал сознанија за планот за грабеж и дека таа ноќ имал намера само да краде од автомобилот. Тој призна дека бил на местото на настанот и го возел автомобилот за бегство, но негираше дека тој го повлекол чкрапалото.
На изрекувањето на пресудата пред три дена, Штајн се обрати пред судот. „Не знаев дека ќе се случи грабеж, но мојата реакција да избегам на крајот одигра голема улога во помагањето на сторителите“, рече тој. „Знам дека тоа не беа моите намери, но вистината е дека тоа не го менува исходот. Не го менува фактот дека е одземен живот и невини луѓе се засекогаш трауматизирани од тоа“, рече тој.
Во емотивна изјава, Штајн им се извини на семејството на Кајла, која беше убиена, како и на нејзините пријатели кои беа сведоци на злосторството. „Додека размислувам за таа ноќ, се обидувам да ја разберам штетата и болката, но вистината е дека не мислам дека можам да ја избројам направената штета или да разберам сè низ што сите поминаа“, рече тој.
„Тој ден донесов ужасна одлука. Одлуката да седнам зад воланот беше целосно себичен чин и нешто за кое жалам и за кое се срамам секој ден. Знам дека моето извинување никогаш нема да го поправи или поништи она што се случи, но без оглед на тоа, сакам да се извинам за моите постапки таа ноќ“, додаде тој.
Луан Дежаи, блиска пријателка на жртвата, исто така сведочеше на суд. „Нема зборови што можат навистина да ја опишат празнината со која се будам секој ден. Се чувствувам како да сум заробена во кома од која не можам да се разбудам. Губењето на Кајла го промени секој дел од мојот живот“, рече таа низ солзи.
Окружниот судија на округот Ли, Ник Томпсон, го осуди Штајн на доживотен затвор за убиство од прв степен. Тој, исто така, доби дополнителни 45 години затвор за три обвиненија за обид за вооружен грабеж. Судијата дозволи преиспитување на казната по 15 години.
