Гаранциите на Мицкоски што сега стануваат „внатрешни гаранции“, беа на масата уште во 2022 година

„внатрешни гаранции“
Од средбата на Мицкоски и Ковачевски за францускиот предлог на 3 јуни 2022 година. (Фото: Влада)

Гаранциите што тврдоглаво ги бара Мицкоски и што сега во јавната дебата се „продаваат“ како „внатрешни гаранции“, беа на масата уште во 2022 година.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Овие денови добива на забрзување и поголема видливост една идеја која се нуди како решение за блокираните преговори за членство во ЕУ. Се промовираат „внатрешни гаранции“ откако после последната посета на еврокомесараката Марта Кос стана сосема јасно дека Македонија не може да очекува гаранции какви што си замислува премиерот Мицкоски и актуелната влада.

„Ниту една земја-кандидат никогаш не добила гаранција за време на процесот на пристапување во ЕУ“, кратко и одлучни ги олади очекувањата еврокомесарката.

Веднаш потоа тргнаа дебатите што и како понатаму и најголемо внимание предизвика извршниот директор на на невладиниот Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС), МЦМС Александар Кржаловски, кој откако прифати дека е повеќе од јасно оти Брисел нема да попушти, рече дека решението треба да се бара дома, преку таканаречени „внатрешни гаранции“.

„Сламка за спас“ за Мицкоски

Не можеме категорично да ја тврдиме врската, но поранешните релации на Кржаловски и новиот член во Владата како министер за здравство, Сашо Клековски (и двајцата се „деца“ на МЦМС) и како лик кој многу добро знае што значи изолацијата на Македонија од ЕУ, упатува на изворот од каде што оваа идеја треба да се прошири, да се тестира и, евентиално, односно, на крајот, да се промовира како прифатлива опција за ВМРО-ДПМНЕ.

Многу повеќе како „сламка за спас“ за Мицкоски, кој се најде заплеткан во јажето што самиот си го смота околу вратот и кој се обидува да го оправда со инаетот „ако треба уште десет години ќе чекаме“.

Суштината на „внатрешните гаранции“, како што досега се елаборира оваа идеја, е дека Македонија не треба да чека гаранции од Брисел, туку самата да постави „ограда“ што би ја заштитила државата доколку во иднина на маса се стават нови прашања што задираат во македонскиот идентитет.

„Очигледно е дека нема ЕУ да ги даде гаранциите. Тоа што застапуваат другите колеги се внатрешни гаранции, односно ние самите да ставиме доволно огради или наши заштитни механизми“, изјави Кржаловски.

Овие механизми, според Кржаловски, би можеле да се вградат директно во Уставот или преку други законски акти.

Таквото решение, како што објаснува, би значело автоматско прекинување на преговорите доколку во иднина се отворат нови условувања поврзани со идентитетски прашања.

Идејата ја поддржа и аналитичарот Петар Арсовски, кој во изјава за „Слободен печат“,  проценува дека актуелната опозиција не би требало да има проблем со воведување ваков вид механизам, но веројатно актуелната власт не би била премногу среќна ако се случи такво нешто.

„Имаме две опции. Првата е да се изгласа специјален закон со двотретинско мнозинство, кој ќе ѝ овозможува на секоја идна власт непречено да ги прекине преговорите со Европската Унија доколку во текот на процесот се појават нови услови и нови спорни барања кои задираат во нашиот идентитет. И јас не гледам причина зошто опозицијата не би се согласила на вакво нешто, но власта е таа којашто ќе треба да го аминува предлогот. Па, така, сѐ е во рацете на власта. А исто така сметам дека власта не би била најсреќна со воведувањето вакви механизми, бидејќи таа бара исклучиво гаранции од ЕУ, а не гаранции од самата себеси. А гаранции од ЕУ, како што ни кажа и самата Марта Кос, никогаш немало и нема ни да има. Секако, постои и втора опција, која значи спроведување уставни измени со одложено дејство. Но, проблемот е што во овој случај преговарачкиот процес буквално ќе виси на конец“, објаснува Арсовски.

И сето тоа е ок, ако навистина натаму тргнат работите, но, да не пукне ѓаволот, а сеќавањето е свежо, она што ја издвојува изјавата на Арсовски е делот каде што тој вели: „Предлогот за поставување заштитни механизми не е нов и можам слободно да кажам дека не е воопшто лош“.

„Предлогот за заштитни механизми“ сега се именува како „внатрешни гаранции“

Ова укажување на Арсовски дека „предлогот за заштитни механизми“, што сега се именува како „внатрешни гаранции“, беше промовиран уште во 2022 година.

Имено, тогашната влада на Димитар Ковачевски, во обидите да ги убеди Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да ја прифатат преговарачката рамка според „францускиот предлог“, излезе со предлог дека ако ВМРО-ДПМНЕ прифати да гласа за уставните измени и ако во текот на преговорите се појават нови барања што излегуваат од преговарачката рамка или го загрозуваат идентитетот, Македонија има право да ги прекине преговорите.

Бојан Маричиќ, тогаш како вицепремиер за европски прашања, во еден од јавните настапи во кои го толкуваше однесувањето на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ рече дека во консултации со опозицијата и останатите партии ќе предложи и Закон за преговори со ЕУ во кој ќе се дефинира улогата на Собранието, опозицијата и Владата во процесот на преговори.

„Преговорите ги води Владата во секоја држава, но Собранието и опозицијата имаат силна улога. Понудивме и претходно, а сега актуелизираме, заедно да составиме Закон за преговори со ЕУ каде ќе бидат наведени сите грижи и Владата да се обврзи да не се преговара за идентитетот и јазикот. Ако ЕУ го отвори тога прашање, тогаш Владата да има обврска веднаш да се повлече од преговорите“, рече тогаш Маричиќ.

Слични на оваа беа и изјавите и на тогашниот премиер Ковачевски и тогашниот министер за надворешни работи Бујар Османи, како и тогаш претседателот Стево Пендаровски: „Ако процесот излезе надвор од преговарачката рамка, Македонија ќе ги прекине преговорите“.

Тогашната Влада и собраниско мнозинстви, отиде и чекор понатаму со овие „внатрешни гаранции“ за да им даде институционална рамка на овие „внатрешни гаранции“, во Собранието на Северна Македонија на седницата одржана на 16 јули 2022 година, донесе „Заклучоци“.

Во точката 3, под А, во заклучоците стои:

Во текот на преговорите за пристапување се до нивното завршување со склучување на Договор за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија и по приемот на Република Северна Македонија во полноправно членство во Европската Унија, Владата нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во Преговарачката рамка. Со приемот на Република Северна Македонија во полноправно членство во Европската Унија, македонскиот јазик да стане еден од службените јазици на Европската Унија без какви било објаснувања, додавки или фусноти.

ВМРО-ДПМНЕ тогаш ги одби овие заклучоци и не гласаше за нив во Собранието.

Сето тоа не доведува до еден едноставен заклучок: Гаранциите што тврдоглаво ги бара Мицкоски и што сега во јавната дебата се „продаваат“ како „внатрешни гаранции“, беа на масата уште во 2022 година.

Точно пред 4 години, кога Македонија беше лидер на Западен Балкан во процесот за реформи за пристапување во ЕУ и кога недостасуваше само еден чекор за консензус за преодна влада во која свое место ќе имаше и ВМРО-ДПМНЕ за да се усвојат уставните измени и да отпочнат суштинските преговори за членство во ЕУ со отворање и затворање на кластерите.

Четири залудно загубени години.

Најчитано